InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Митови што се рушат, пазари што се менуваат, технологии што трансформираат и лидери што инспирираат – 11. FMCG Summit уште еднаш покажа дека е централната сцена на регионалниот бизнис-свет.
Помина 11. FMCG Summit и зад себе остави уште еден впечатлив белег во трговијата и бизнисот. Со 13 говорници, 4 ритеил партнери, најголем број спонзори досега и повеќе од 400 учесници, самитот уште еднаш ја потврди својата позиција како релевантен настан за FMCG-секторот во Македонија. Организиран од тимот на InStore и „Кликер маркетинг“, самитот и годинава понуди моќни идеи, инспиративни говорници и јасни пораки за иднината на малопродажбата.

Атмосферата во салата беше жива, динамична и исполнета со позитивна енергија – комбинација од професионално вмрежување, знаење и инспирација. Настанот уште еднаш потсети дека FMCG Summit не е само конференција, туку платформа што го движи развојот на индустријата, каде што менаџери, производители и трговци заедно градат подобра иднина за секторот.

Покрај едукацијата, трета година по ред ги препознаваме и признаваме оние што работат секојдневно со потрошувачите, во маркетите. Признанието Наши херои го добија Руса Величковска од „Рептил“, Ирена Крагуевиќ од dm и Гордица Димовска од „Рамстор“. За Најдобар категори менаџер беа избрани Миријана Стојковска од „Рептил“ и Елена Трајковска од „Рамстор“.

Различни перспективи, една заедничка цел – раст и адаптација
По поздравниот говор од директорката на „Кликер маркетинг“ и на InStore, Верица Мартиновска, сцената ја презедоа говорниците. Низ своите презентации донесоа различни перспективи за тоа како FMCG-секторот се менува, адаптира и расте во време на неизвесност.
Секој од нив ја допре суштината на сопствената област. Од ангажманот на луѓето и организациската култура, преку технолошките иновации и потрошувачките навики, до новите модели на пораст и лидерство.

Роко Водопија, предавач и консултант (поранешен CEO на „Бимилк“) зборуваше за тоа колку е важна поврзаноста меѓу планот и изведбата во организациите. Тој потсети дека само 20% од вработените навистина се ангажирани во својата работа и дека вистинскиот успех почнува со јасен план, добра структура и луѓе што веруваат во заедничката цел. Планот е идеја со акција, рече Водопија, истакнувајќи дека лидерството не се мери со контрола, туку со инспирација и пример.

Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа, истакна дека FMCG-индустријата во Македонија бележи пораст во приходите, добивката и вработеноста во периодот 2022–2024 година. Тој посочи дека пазарот е високо концентриран – десетте најголеми дејности создаваат над 75% од вкупниот приход, со доминација на супермаркетите и дистрибуцијата на храна и пијалаци.

Директорката за општи работи и човечки ресурси во „Кола груп“, Марина Михајловска, ја истакна важноста на поврзувањето меѓу стратегијата, луѓето и резултатите. Нејзината порака беше дека агилноста, компетенциите и коучинг-културата се трите столба на современото лидерство. Таа го објасни целиот циклус на управување со перформанси, од поставување KPI до фидбек и наградување, нагласувајќи дека извршувањето е клучно.

Во презентацијата In-store брендирање: Кога вниманието станува продажба, извршниот директор на „Мандис“, Тони Рончевиќ, се осврна на моќта на видливоста во продавниците. 70% од одлуките за купување се носат токму таму, истакна тој, нагласувајќи дека вистинската продажба не се случува само преку попусти, туку преку создавање емоција и искуство.

Од друг агол, Драган Теодоровиќ од NielsenIQ прикажа какви се навиките на потрошувачите. Тој истакна дека модерниот купувач е повнимателен и порационален, но истовремено очекува вредност и доверба од брендовите. Здравјето, одржливоста и транспарентноста стануваат новата валута на лојалноста, порача тој.

Технологијата беше во фокусот на излагањето на Александар Бајков и Александар Кефер од „Принтек“. Тие зборуваа за најновите решенија што ја трансформираат малопродажбата – од self-checkout системи и паметни каси до дигитални етикети и облак-аналитика.


Публиката ја воодушеви и инспиративниот настап на Примож Хвала, партнер во Human & Sales Consulting, кој зборуваше за менталната издржливост во продажбата. Тој ја спореди продажбата со маратон, не со спринт, потсетувајќи дека дисциплината, самомотивацијата и упорноста се клучни за долгорочен успех.

Од заедничкиот настап на Саша Ќириќ, директор за маркетинг и развој во „Неопланта“, и Предраг Ќировиќ, извршен директор на „ЈуГов“ за Србија и Хрватска, присутните дознаа зошто сегментацијата ја губи својата сила пред концептот на пенетрација, а потсетија дека брендот мора да биде и физички и ментално присутен во свеста на купувачот.

Посебен впечаток оставија и излагањата на Бојан Стоевски, генерален директор на „Империал брендс“ за Полска, кој покажа дека преку детална анализа на цените и моделот „test & learn“ компанијата може да воведе поодржлив EDLP пристап и да ја подобри изведбата кај клучните клиенти. Дарко Кркач, консултант за стоковно и материјално работење во ПИС, зборуваше за дигиталната трансформација во малопродажбата и претстави практични алатки што ја зголемуваат ефикасноста.

Го водиме ли бизнисот според митови?
Годинава кeynote говорник на самитот беше Тони Балажич, претседател на Одборот на Auchan Retail Magyarország. Тој зборуваше за „7 мита за FMCG и лекции за во иднина“ – говор што го задржа вниманието на секој присутен.

Балажич испрати јасна и провокативна порака: слободниот пазар е илузија, а храната станува политичка категорија под силно влијание на државите. Тој истакна дека дисконтерите не го достигнале врвот – тие дури сега почнуваат, додека онлајн-продажбата нема да ја спаси малопродажбата, туку само ќе ја пренасочи. Според него, вистинскиот успех лежи во „радикална едноставност“ и во фокус на вредноста што ја гледа потрошувачот, а не во комплексни системи и бескрајни промоции. Неговата порака за трговците беше јасна – победуваат оние што нудат јасна структура, пристапни цени и реална вредност.
Играта се менува, вредностите се исти
Ако нешто јасно произлезе од 11. FMCG Summit, тоа е дека играта се менува, но вредностите остануваат исти. Пазарот ќе се редефинира, технологијата ќе продолжи да го трансформира ритеил-искуството, а креативноста, знаењето и упорноста на луѓето ќе останат двигател на секоја промена.
Тимот на InStore и „Кликер маркетинг“ уште еднаш покажа дека успехот се гради со визија, посветеност и заедништво. 11. FMCG Summit не беше само настан, туку потсетник дека и предизвиците на пазарот не се пречка, туку сцена на која вистинските лидери покажуваат визија и храброст.
Следниот 11. FMCG Summit е веќе закажан - 29.10.2026 година, а во меѓувреме се гледаме и на првиот:
Supply Chain Sammit на 22.4.2026 година.
Рекоа за 11 FMCG SUMMIT
Зухра Искендерлер, раководител на дистрибутивниот сектор, „Даути комерц“
FMCG SUMMIT и оваа година се потврди како водечка регионална платформа за споделување искуства, идеи и најдобри практики во секторот. Темата за потрошувачките навики низ призмата на глобалните и регионалните трендови беше исклучително актуелна и понуди вредни насоки за идниот развој на пазарот. Презентациите беа содржајни, со јасни пораки за важноста на адаптацијата кон новите трендови и дигиталната трансформација. Особено се издвојува можноста за директна комуникација меѓу трговците и производителите, што го прави самитот уникатен по својата деловна вредност. Со задоволство можам да истакнам дека секој FMCG SUMMIT носи нова енергија, мотивација и инспирација – причини поради кои со гордост сум дел од него веќе 11 години по ред.
Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг-менаџер, „Млекара АД Битола“
FMCG SUMMIT веќе 11 години претставува уникатен настан кој со право се смета за „must-attend“ за сите што се дел од FMCG-индустријата. Од аспект на слушател и гостин, можам да кажам дека ова е конференција што секогаш инспирира – и со тематиките што ги опфаќа и со внимателно одбраните предавачи кои носат релевантни и применливи искуства. Но, можеби најголемата вредност на самитот е можноста за вмрежување – ретка прилика да се сретнеме со колегите од индустријата во опуштена атмосфера, да размениме искуства, идеи и често да договориме одлични заеднички иницијативи. Овој настан секоја година потсетува колку е важно професионалното поврзување и заедничкиот раст.
Наталија Караманова, кey аccount и трејд маркетинф менаџер за пијалаци, „Атлантик трејд“
11 FMCG SUMMIT беше професионално осмислен и одлично огранизиран. Остави позитивен впечаток како еден од најрелевантните настани за FMCG-индустријата во регионот.
Содржината беше квалитетна, релевантна и приспособена на актуелните трендови и предизвици во индустријата. Би го издвоила и изборот на говорници, структурираниот формат и можноста за професионално вмрежување и размена на искуства со партнери, дистрибутери и други компании од FMCG-секторот. Настанот понуди одличен и прецизен увид во промените на потрошувачкото однесување и можностите за понатамошен раст. Честитки за професионализмот, посветеноста и позитивната енергија со која го организиравте овој самит.