
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Трите основни принципи врз кои се базира семејниот бизнис на Михајлови се широкиот асортиман, достапните цени и квалитетната услуга.
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
Во една од трите кули пред мостот Обединети нации, односно на Никола Парапунов, бр. 3А-15, се наоѓа маркетот „Ралекс". Продавницата, која беше отворена во април минатата година, е четврта во низата на семејниот бизнис на Михајлови.
Браќата Бојан и Даниел, кои управуваат со продавниците, се присетија и ни раскажаа за предизвикувачкиот почеток и за развојот на бизнисот, чијшто сопственик е нивната мајка Виолета: Првата продавница е отворена во Волково, во 2000 година. Тогаш, родителите решија да отворат локална продавница од околу 15-20 квадратни метри. Со скромен сопствен буџет, тие почнаа работа, за која претходно немаа никакво искуство, вели Бојан.
Искуството и знаењето го стекнувале со текот на работата, во комуникација со купувачите и со доставувачите, напредувајќи чекор по чекор. Со текот на времето, локалната продавница станала премала, а пресвртот во фирмата настанал во 2010 година, кога подмладокот официјално и активно се вклучува во бизнисот. Првата продавница била префрлена на поголем простор во непосредна близина на првиот објект. На почетокот од 2013 година била отворена втората продавница во Волково, а во 2015 година и третата во Аеродром. Четвртата во Карпош, успешно работи речиси една година. Површината на четирите маркети е од 50 до 150 квадратни метри, а во нив денес работат вкупно 21 човек.
Најновата продавница на продажен простор од 100 квадратни метри, располага со асортиман од околу 5.000 производи. Токму широкиот асортиман, е еден од трите основни принципи на семејниот бизнис, адругите два се достапните цени и квалитетната услуга.
Даниел открива дека најмногу се продаваат т.н. киоск-производи – цигари, гуми за џвакање, ладни пијалаци: Во сите маркети имаме голем број ладилници, што е наша голема предност. Секогаш имаме голем избор на ладни пијалаци, а добро се продаваат и овошјето и зеленчукот...Тој додава дека секој маркет е поинаков, со свои купувачи, а во зависност од побарувачката, се формира и се збогатува и асортиманот.
„Ралекс" соработува со повеќе од 150 доставувачи и има писмен договор речиси со сите: Соработката ја градиме веќе 17 години. Добро сме им познати и мислам дека сме по добро познати, вели Даниел.
Во продавницата во Карпош, речиси сите купувачи се постојани – соседи и вработени во околината, а односот кон нив Михајлови го градат преку вработените: Компаниската култура не ни дозволува вработените да ги гледаме само како персонал. Тие се наши пријатели, со кои често се дружиме. Тие се лицето на компанијата, а тој опуштен однос се рефлектира и на односот кон купувачите, со насмевка вели Бојан.
Во околината на „Ралекс" има голем број од големите терговци, а Михајлови се трудат да ја искористат предноста да бидат поблиску до купувачите: Мислиме дека добро се снаоѓаме во борбата со големите, а купувачите го потврдуваат тоа со секојдневното пазарување. На нашата фејсбук-страница честопати добиваме позитивни пораки, кои нèинспирираат, вели Даниел.
Активноста на „Фејсбук", каде што ги пласираат акциите и промоциите, за Михајлови е новитет, со кој почнал и нивниот пилот-проект, наречен неделна акција: Селектираме производи што купувачите добро ги познаваат и заедно со доставувачите, правиме добра цена. Се трудиме промоциите да допрат до секој наш купувач и да привлечат нови, па затоа изработуваме и флаери.
Во однос на новите технологии, сите маркети „Ралекс" работат со најсовремениот принцип за малопродажба – целата стока што се прима преку ПДА-уреди (Personal Digital Assistant), кои директно ја евидентираат залихата во базата, се проверуваат цените и доколку има промени, веднаш се менуваат и се печатат нови.
Идните планови на „Ралекс" се доближување до повеќе купувачи: Внимателно ги одбираме локациите и го чекаме вистинскиот момент, но свесни сме дека идеални околности, никогаш нема да постојат. Волково има потенцијал, но немаме амбиција таму да го прошируваме бизнисот – таму сме веќе доволно застапени, открива Даниел.
На крајот од разговорот, Бојан упати мотивирачка порака до младите луѓе: Наместо да гледаме само како да се иселиме од Македонија, да се фатиме за работа и да ја направиме земјава подобро место за живеење, и додаде дека денес е многу полесно да се почне со сопствен бизнис, за разлика од порано, кога тешко се доаѓало до кредитирање на човек-фирма.