
Во Италија и во Шпанија се зголемува продажбата на приватните трговски марки. Во Франција се намалува разликата во цени меѓу приватните марки и брендовите...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Извор: ПЛМА
Се зголемува конкуренцијата во Италија
Конкуренцијата на приватните трговски марки во Италија оваа година ќе се зголеми, бидејќи „Алди" се подготвува за влез на пазарот и за воведување на своите силни приватни трговски марки (ПТМ) во оваа држава, а и конкурентите ги засилуваат програмите.
Италијанскиот малопродажен трговец „Унес" ја развива понудата на своите премиум ТМ со воведувањето на линијата Il Viaggiato Biologico. „Конад", заедно со уште седум кооперанти, најави планови во својата понуда на ПТМ да додаде производи со висока маржа, како премиум и здрави производи. Италијанскиот малопродажен конзорциум „Супермеркати унити национали" ќе го прошири асортиманот на својата марка Consilia со вегетаријански и со вегански производи.
Во меѓувреме, „Лидл", големиот конкурент на „Алди" во Италија, претстави серија производи што не содржат штетни состојки и органски производи. Во асортиманот на нивните ПТМ ќе се најдат повеќе од 60 производи, вклучувајќи замрзнати, свежи и суви производи, како и вино и други пијалаци.
Пораст на приватните трговски марки во Италија и во Шпанија
Продажбата на приватни трговски марки се зголемува во Италија и во Шпанија. Агенцијата ИРИ извести дека во Италија продажбата вредносно се зголемила за 1,7 отсто и волуменски за 0,2 отсто, стигнувајќи до удел на пазарот од 18,5 отсто. Продажбата во хипермаркетите, супермаркетите и кај независните трговци достигнала 9,76 милијарди евра. Водечки се премиум и био-производите, кои заедно тежат повеќе од 1,32 милијарди евра. Премиум сегментот забележа 14 отсто пораст во вредноста и 12,4 отсто пораст во волуменот, додека био-сегментот бележи пораст од 16,1 отсто вредносно и 14,4 отсто волуменски.
Во Шпанија, податоците на „Нилсен" покажуваат дека ПТМ исто така го зголемуваат својот удел на пазарот. Според „Нилсен", тие бележат пораст за 4,7 отсто во октомври, додека брендовите забележале нагорен тренд за 3,7 отсто. Целокупниот пораст на FMCG-категориите во споредба со 2015 година е 4 отсто.
Во секторот за домашна и за лична хигиена, приватните трговски марки заедно со премиум ПТМ забележаа најголем пораст во продажбата уште на почетокот на годината, од 5,1 отсто вредносно и 7 отсто волуменски. И во двата сектора, брендовите оствариле пораст само 4,5 отсто во сегментот домашна хигиена и 0,4 отсто во лична хигиена.
Се намалува разликата во цени во Франција
Според последните податоци на ИРИ за цените на храната, разликата во цени меѓу брендовите и ПТМ во Франција продолжува да се намалува. Според овие податоци, базирани на потрошувачка кошница на споредбени производи, дефлацијата на храната во Франција забележала благо опаѓање во ноември, а до октомври имала пад од 1,24 отсто во споредба со 2015 година. Сепак, цените на брендовите забележаа пад за 1,68 отсто на годишно ниво, а цените на ПТМ се намалија за 0,53 отсто, намалувајќи ја разликата во цени меѓу овие два сегмента. Земено во целина, цените во француските хипермаркети во ноември забележаа пад од 1,21 отсто во однос на претходната година, додека цените во супермаркетите опаднаа за 1,37 отсто.
Пораст на ПТМ од премиум-сегментот во Велика Британија
Приватните трговски марки од премиум-сегментот во Велика Британија се подготвени да го зголемат својот удел оваа година, откако забележаа успешна продажба во 2016. Според извештаите на „Кантар ворлдпанел", продажбата на премиум приватните марки од сегментот на храната и на пијалаците се зголемила за 13 отсто гледано од 4 декември 12 недели наназад. „Алди" објави уште подобри резултати во Велика Британија, со зголемување на продажбата на својот премиум сегмент Specially selected за 25 отсто.
Речиси 90 отсто од купувачите ги купуваат „врвните" ПТМ на трговците, вклучувајќи ги Finest на „Теско", Taste of Difference и The Best на „Морисонс", според податоците на „Кантар". Така, продажбата на премиум трговските марки забележала пораст од 6,3 отсто во однос на целокупната продажба на приватните марки на трговците во Британија.
„Алди" се ориентира кон премиум
Продажбата на приватните трговски марки Specially Selected на „Алди" во Велика Британија се зголеми за 25 отсто минатата година и достигна 600 милиони фунти. Во нив влегува зреено месо во вредност од над 3,5 милиони фунти и шампањско во вредност од над 1,25 милиони фунти, а „Алди" се надева дека продажбата на ПТМ Specially Selected ќе надмине 750 милиони фунти во 2017 година.
„Теско" ги намалува цените
„Теско" во Велика Британија најави поставување на нова ценовна рамка за 11.000 производи од своите линии на ПТМ. Програмата е осмислена за да овозможи конкурентност во однос на дисконтерите „Алди" и „Лидл", кои својот пазарен удел во голема мера го зголемуваат со продажбата на своите ПТМ.
Со овој ценовен систем, кој веќе го има применето на 500 производи од своите ПТМ, вклучувајќи ги и новите производи Farms, „Теско" планира да им парира со цена и со квалитет на производите на „Алди" и на „Лидл" во најмалку 60 отсто од основните ставки.
Bio – полн погодок за dm
Во dm, германскиот малопродажен синџир дрогерии, велат дека стратегијата на опсежна замена на нивната органска линија Alnatura и на различните поединечни прехранбени производи со нивната ПТМ dmBio, резултирала со значителен пораст на продажбата. Во непрехранбениот сегмент, трговецот известува дека во својата нова продавница во Франкфурт го тестира одделот „продавница во продавница", кој нуди услуги на козметичко советување. Во одделот се продаваат производите од нивната ПТМ NYX.
Освен тоа, dm најави дека лансирал и ограничена серија козметички кутии под името „радост во кутија" во соработка со влијателни лица што во Германија водат блогови за козметичките трендови на различни социјални платформи.
„Интермарше" го лансира L`Essentiel
„Интермарше" изработува програма за својата ПТМ со нови производи и со промоции. Трговецот претстави асортиман без адитиви и без вештачки бои под брендот L`Essentiel. Низата од 18 производи вклучува јогурти, компоти и пиреа од смрзнат зеленчук.
Исто така, „Интермарше" ги промовираше произвоите од своите ПТМ со помош на камион за храна што кружеше пред продавниците „Интермарше експрес" во Париз и во неговата околина. Секој ден купувачите можеа да пробаат готвени јадења направени од производи од ПТМ, што се произведени во Франција.