
Финансиската анализа на работењето на трговците, што годишно ја објавуваме во ексклузивното издание МАПА НА ТРГОВЦИ, ги потврдува значењето и пазарната сила на дисконтните формати во Македонија.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
МАПАТА НА ТРГОВЦИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно, но поради релевантноста, се користи како референтна алатка цела година. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 29 компании што работат во малопродажба. Во изборот на компании влегоа КА, ЛКА, дисконтери и мали дуќани што имаат повеќе од една продавница
Автор: Верица Мартиновска, директорка на InStore.mk verica@instore.mk
Високиот ценовен притисок врз македонските трговци ја одбележа и 2024 година. Покрај дебатите околу зголемените цени, во фокус беа и маржите и остварените годишни профити на трговците.
Иако инфлацијата се стабилизира споредено со 2022 и 2023 година, таа и натаму беше присутна кај прехранбените производи. Ова доведе до промена во однесувањето на потрошувачите, кои сè почесто се ориентираа кон производи на акција, промовирани преку летоци. Тоа го потврдува и истражувачката агенција „Фокус“. Според анализата, бројот на објави во летоците постојано расте, просечно околу 2.300 неделно, што посочува на зголемен интензитет на пазарната конкуренција.
Кога сме кај навиките на потрошувачите, мора да се спомене и намалената лојалност кон одреден трговец. Во истражувањето на „Брима“, во 2025 година испитаниците одговориле дека најчесто купуваат во 3 маркети, додека во 2024 година во 2 маркета. Според „Инсајдер ИД“, пак, од 3 преферирани маркети 2 се од форматот дисконти. Нивната успешност е благодарение на конкурентните цени и сè побогатата понуда на приватни трговски марки. Дополнително, тие се натпреваруваат со неделна атрактивна понуда на производи како што се текстил, производи за домот, градина и електроника.
Финансиската анализа на работењето на трговците, што годишно ја објавуваме во ексклузивното издание МАПА НА ТРГОВЦИ, ги потврдува значењето и пазарната сила на дисконтните формати во Македонија. На првите три позиции, според приходи од продажба на производи, се наоѓаат дисконтните синџири „Кам“, „Киппер“ и „Стокомак“. Првите три позиции овие дисконти ги држат од 2022 година. Вкупните остварени приходи од продажба на производи на „Кам“, „Киппер“ и „Стокомак“ во 2024 година изнесуваат 40.191.780.115 денари. За споредба, тоа е 45,9% од вкупно остварените приходи од продажба на производи на анализираните 29 трговци во годинешната МАПА НА ТРГОВЦИ, кои вкупно оствариле 87.581.492.226 денари. Повеќе на табела 2во МАПА НА ТРГОВЦИ на страна 14.
Кога профитот не го следи ритамот на прометот
Општо, од финансиската анализа, се забележува дека македонската малопродажба во 2024 година е во период на приходен пораст, но со намалена профитабилност поради притисокот од трошоци, владините регулативи и засилената конкуренција. Анализираните 29 трговци бележат пораст на приходите од продажба на производи од 12,7%, и пад на вкупно остварениот профит од 12,5%. Пад на профит, и покрај порастот на приходите, може да укажува на: зголемени трошоци за операции, намалена ценовна флексибилност поради владини мерки и потенцијално засилена конкуренција и притисок на маржи.
Бидејќи во јавноста многу се зборуваше за остварените профити на трговците, да погледнеме што кажуваат бројките од нивните годишни сметки. Во првата петорка, според остварениот профит во 2024 година, се наоѓаат: „Веропулос“, „Кам“, „Киппер“, „Кит-Го“ и „Стокомак“ (табела 1во МАПА НА ТРГОВЦИ на страниците 6 и 7.). Сите тие минатата година забележале пад на профитот, кој кај „Кит-Го“ и „Стокомак“ е двоцифрен. Пораст на профитот бележат локалните трговски синџири и „дм дрогерие маркт“, од кои најголем во 2024 година забележал „Тамаро“ (oд 859.087 на 6.989.256 денари). Причината за профитабилноста на ЛКА може да се пронајде во поедноставното, поагилното и поефикасното работење, подоброто познавање на локалниот потрошувач и стабилната база на лојални купувачи. Од друга страна, 10 ЛКА веќе се дел од Л.К.А групацијата, која заеднички брои 137 продажни места. Имаат заеднички промотивни акции во летоците и заеднички приватни трговски марки, со кои ја стекнуваат лојалноста од потрошувачите.
Бидејќи во МАПА НА ТРГОВЦИ континуирано го анализираме финансиското работење на трговците, направивме и анализа на просечниот годишен пораст на профитот, за последните три години (табела 3).
Инвестиции во иновации и ширење на синџирот
Во споредба со претходните години, минатата година не беше во знакот на поголеми инвестирања во нови објекти. Очигледно е дека дрогерискиот канал добива замав, па така минатата година dm отвори 4 нови објекти. „Кам“ поголем акцент дал на реновирање на веќе постојните објекти - вкупно 6, и отворање на 2 нови објекта. „Стокомак“ отворил 2 нови и реновирал 2 објекта, но да се спомене дека овој дисконтен синџир инвестира и во пробивање на српскиот пазар. По 2 објекта имаат отворено „Зур“ и „Тинекс“, а нови објекти отвориле и „Жито“, „Киппер“, „Рептил“, „Рамстор“...
„Тинекс“ најави инвестиции во наплатни каси во повеќе нивни објекти, а инвестиции во дигитализација во работењето најавија и од „Жито“.
Како и секоја година, ги мапираме најдобрите 15 трговци според приходите од продажба на производи. Со ова мапирање, но и со претходното следење на новостите околу отворањето нови објекти, сакаме да понудиме реална слика каде сè географски е присутна конкуренцијата, но и каде постои можност за нови инвестиции.
И за крај, малопродажбата во Македонија и понатаму го носи товарот на ценовниот притисок, регулаторната неизвесност и пазарната конкуренција. Но, под површината бројките покажуваат промена: локалните трговски синџири се позиционираат како профитабилни, дисконтерите го диктираат темпото, а инвестициите, иако поскромни, го трасираат патот за следната фаза на пораст. Како ќе изгледа мапата во 2025 година, ќе покаже времето, но едно е сигурно: мапирањето веќе не е само географија, туку стратегија.
Табелите можат да се видат на линкот: https://www.instore.mk/record/29/17568/mapa-na-trgovci-mapa-na-distributeri-2025