
Најголемиот синџир на продавници за брзо купување во светот, „7-Елевен“, се подготвува за стратешко проширување во Европа,
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Најголемиот синџир на продавници за брзо купување во светот, „7-Елевен“, се подготвува за стратешко проширување во Европа, со амбициозни цели и докажана глобална деловна формула. Во централна Европа, Полска е една од клучните земји во фокусот. Продавницата во центарот на Стокхолм дава увид во најновата визија на овој трговец кога станува збор за компактни, прехранбено ориентирани формати за урбана средина.
Автор: Себастијан Ренак, меѓународен рителј аналитичар
„7 – Елевен“ се подготвува за стратешко проширување во Европа. Најголемиот светски синџир на продавници за брза набавка на секојдневни потреби неодамна објави вкупен промет (вклучувајќи ги и франшизите) од 117,9 милијарди евра и EBITDA од приближно 7,0 милијарди евра за деловната година што заврши во февруари 2025 година. Овој малопродажен гигант управува со околу 87.000 продавници во 20 земји ширум светот. Азија доминира во мрежата, со околу 80% од сите локации – од кои само Јапонија сочинува 25%. Двата американски континента покриваат околу 18% од пазарот.
Европа досега имала споредна улога: во скандинавските земји, „7 – Елевен“ работи со 175 продавници во Данска, 115 во Норвешка и 78 во Шведска, преку мастер-франшизата на норвешката малопродажна групација „Реитан ритејл“што вкупно претставува помалку од 1% од глобалната мрежа. Но, тоа наскоро може да се промени. Почетокот на 2023 година донесе амбициозни планови за глобален раст на „7 – Елевен“, со цел до 2030 година да достигнат 100.000 продавници ширум светот. Европските малопродажни пазари ќе бидат клучни за реализација на тие цели и претставуваат еден од столбовите на планираното проширување. Како приоритетни се наведени Франција, Германија, Ирска, Италија, Полска, Шпанија, Турција и Обединетото Кралство. Имајќи го предвид моделот на проширување преку франшизи, ширењето во овие земји може да биде брзо, особено таму каде што малопродажниот пазар е сè уште неконсолидиран или поделен на франшизни структури. Пазарите од Централна и Југоисточна Европа, со растечките формати погодни за брзо снабдување и забрзаната урбанизација, исто така претставуваат плодна почва за скалабилниот, франшизно ориентиран модел на „7 – Елевен“.
Во таа насока, ја посетивме една од најмодерните продавници на овој малопродажен гигант во Шведска во центарот на Стокхолм. Оваа локација ја отсликува најновата стратегија на компанијата за компактен, прехранбено ориентиран концепт на погодност.
Концептот на продавницата е фокусиран на храна за носење и свежо подготвени оброци со брзи трансакции. Иако просторот е ограничен, распоредот е максимално ефикасен, а на купувачите им се нудат квалитетни „земи и оди“ опции. Асортиманот е прилагоден за оброци во движење, во комбинација со повеќе самопослужни каси – привлечен за урбани купувачи кои се во брзање.
Во продолжение следува фото-извештај кој ги илустрира клучните карактеристики на водечката продавница во Стокхолм и дава поблизок поглед на тоа како глобалните амбиции на „7 – Елевен“ се преточени во локална практика – потенцијален показател за тоа што наскоро би можело да стигне и во други европски метрополи.
Посета на продавницата
Централно лоцираната продавница на „7 – Елевен“ ги привлекува минувачите со јасна сигнализација на излогот и изразен фокус на храна за носење. Свежо печиво, разладени оброци и грицки се организирани според компактен и густ распоред околу клучните прехранбени потреби. Натписите над рафтовите ги насочуваат купувачите директно кон решенија за ручек.

„Појадок и ужини – слободно комбинирај“: Попусти за купување повеќе производи поттикнуваат брза набавка во време на оброци, со однапред спакувани избори.

„Најдобро кафе во градот“ е ветување поставено над самопослужната станица со свежо мелено, филтер и ладно кафе.

Промоциите за колачиња и печива ја задоволуваат шведската традиција „фика“ – социјална пауза за кафе во текот на денот.

Купувачите можат да го прилагодат својот топол напиток со растителни млека, безлактозни опции и сирупи, според модерните стандарди на кафулињата.

Линијата на приватна марка на 7-Eleven во соработка со шведскиот бренд Panini Internazionale нуди ултра-свежи и квалитетни оброци како поздрава алтернатива на брзата храна.

Ѕидот со пијалаци нуди широк избор – од класични сокови до безшеќерни варијанти. Полица со грицки до него комбинира импулсивно купување со дополнувања на оброкот.

„Секогаш добри понуди во апликацијата“: QR-промоции и интеграција со Uber Eats го прикажуваат развојот на omni-channel стратегијата на „7 – Елевен“.

Овошјето е во фокус како поздрава импулсивна опција, со пораки за органско производство и заедничка понуда со Fairtrade грицки.

Свежиот пулт јасно е поделен на зони за појадок, ручек и ужина, што ја олеснува ориентацијата и ги истакнува специфичните потреби на потрошувачите во текот на денот.

Пицата и топлите сендвичи приготвени на лице место ја позиционираат „7 – Елевен“ како веродостојна дестинација за брзи и квалитетни оброци.

Стратешките промо-цени и понудите за додатоци го поттикнуваат формирањето комплетни оброци, спојувајќи топла храна со пијалаци и грицки.

Шведската традиција „фика“ е преточена во понудата преку комбинации на печива и сезонски слатки: мафини, колачиња и ролни со цимет.

Самопослужна каса овозможува брза набавка за поединци и купувачи во брзање, со импулсивни додатоци како слатки и средства за лична хигиена.

Дигитални екрани над просторот за подготовка на оброци ја пренесуваат понудата со топол тон и доза хумор. Јасни, шарени слики и блага иронија ја разубавуваат функционалноста на просторот.

Опуштен агол со седишта до излогот нуди момент за брза пауза во самата продавница.

Голем дигитален екран ги промовира тековните понуди на храна со висока видливост однадвор и внатре, зголемувајќи го протокот низ продавницата.
