Регион

Пораст на приходите на „Меркатор“ и покрај пандемијата

25 Sep 2020

Приходите од продажба на групацијата „Меркатор“ во првата половина на 2020 година се зголемија за 4,4% во споредба со истиот период минатата година и изнесуваат 1,06 милијарди евра.

Во овој период, Меркатор забележа 7,4% повисоки приходи од продажба на мало и 1,7% пораст на нормализираниот EBITDA. Деловниот систем „Меркатор д.д.“, како најголема компанија во групацијата, во споредба со истиот период минатата година бележи зголемување на оперативниот приход од 8,2% и приходите од продажба од 4,8%.

И покрај КОВИД-19 во првата половина на финансиската 2020 година, што првенствено се одрази на зголемувањето на логистиката и трошоците за вработените, но и на другите деловни сегменти, групацијата „Меркатор“ успеа да оствари позитивни трендови во трговијата на мало, се вели во соопштението на компанијата. Групацијата обезбеди континуирани и доволни залихи на стратешки важни производи на сите четири пазари на кои работи: Словенија, Србија, БиХ и Црна Гора, обезбедувајќи непречено и успешно работење.

„Меркатор-С“, кој вработува повеќе од 8.000 лица во Србија, во првите шест месеци од оваа година имаше пораст на приходите од малопродажбата од 7,1%, во споредба со истиот период минатата година. Дури и за време на пандемијата, „Меркатор-С“ не престана да ја шири својата мрежа и да отвори нови продавници, па се планира да се ангажираат уште 200 нови работници во Србија до крајот на годината.

Во првата половина на 2020 година EBITDA се зголеми на 83,438 милиони евра, што е за 1,7% повеќе отколку во истиот период минатата година.

„Меркатор“ оствари пораст на приходите во трговијата на мало и со тоа успешно ги неутрализира негативните ефекти од епидемијата врз деловните резултати. Успехот на нашата основна дејност - трговија на мало, е последица на навремена, одговорна и сеопфатна подготовка за кризата и редовно приспособување и следење на сите клучни активности на ниво на групацијата. Трансферот на искуството од Словенија, која прва прогласи епидемија, беше многу важна за одличната оперативна подготвеност на сите четири пазари, рече Томислав Шизмиќ, претседател на „Меркатор“ и додаде: Би сакал да истакнам дека одобрувањето на концентрацијата од Европската комисија е исклучително важен чекор кон трансферот на сопственоста од „Меркатор“ н „Фортенова“. Силниот сопственик ќе му обезбеди на Меркатор понатамошен пораст и развој и ќе ги поддржува стратешките проекти на „Меркатор“, вклучително и инвестиција од 130 милиони евра во нов логистички центар во Љубљана.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...