Загрепската компанија „Гидеон брадрс“, која се занимава со развој на автономни мобилни роботи, најави помош во борбата против вирусот корона.
Матија Копиќ, директор и коосновач на компанијата, на својот фејсбук-профил ја објави идејата автономните роботи да се пренаменат и наместо во складиштата, да работат во болници и да ги дезинфицираат просториите каде што не смеат да влезат луѓе.
Дојде време да ги испратиме нашите метални миленичиња на првите линии за одбрана од вирусот корона. Во текот на следните месеци во хрватските болници, училишта, трговски центри, маркети, хотели, фабрики, складишта и на други јавни и приватни простори, роботите можат да помогнат за дезинфекција, превоз на стоки, детекција на зголемена температура кај луѓето..., напиша Копиќ.
Притоа, додава дека шанса за заздравување во неизвесната иднина имаат сите во земјата, само ако знаењата, искуствата и технологиите се стават на располагање на Хрватска и на нејзините граѓани.
Во објавата Копиќ приложи слики и концепти, како роботите би можеле да учествуваат во секојдневната работа во болниците.
Автономните мобилни роботи на „Гидеон брадрс“ во Хрватска во моментов се користат во магацините на „Атлантик група“, „Токиќ“, „Орбико“ и во Хрватска пошта, а од минатата година се користат и во германската логистичка компанија „ДБ Шенкер“. Нивната носивост е до 800 килограми, а комбинираат напредно учење и стереоскопски камери. Тоа им овозможува безбедна навигација околу луѓето, опремата и другите машини.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.