„Шпар Словенија“ е добитник на наградата „Компаниja пријател на лицата со посебни потреби“ за 2022 година.
Наградата, која претставува посебно признание на работодавачите за добрата практика во областа на вработувањето на лицата со попреченост, Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности ја доделува веќе шеста година.
Со повеќе од 5.100 вработени, „Шпар Словенија“ е еден од најголемите работодавачи во Словенија. Компанијата постојано се стреми кон развој и иновации и развива основни вредности како што се љубезноста и едноставноста. Сите вработени се почитувани и ценети за нивната работа, без разлика на возраста, потеклото, полот, сексуалната ориентација, инвалидитет, религијата, брачниот статус, физичкото и менталното здравје или кој било друг статус. Нивниот принцип е одговорно работење. Одлика на компанијата е високиот процент на лица со попреченост меѓу вработените, повеќе од 5 проценти, односно повеќе од 260 вработени, што е значително над просекот во индустријата и ја одразува намерата на компанијата да работи како општествено одговорна компанија. На овој начин докажуваат дека попреченоста не е пречка и дека поединецот може да го реализира својот потенцијал во соодветна средина и со соодветна поддршка, беше соопштено по повод наградата.
Во „Шпар“ веруваме дека со соодветна поддршка сите вработени можат да имаат исти можности, придонесувајќи заедно за успехот на компанијата. Ќе продолжиме да се залагаме за еднакво вклучување на лицата со попреченост во нашата компанија и општеството, и ќе се грижиме за дополнителни подобрувања кои ќе им ја олеснат работата на вработените, изјави Бранка Јовановиќ, вработена во секторот за човечки ресурси на „Шпар Словенија“.
Таа додаде дека компанијата во наредната година планира набавка на голем број електрични палетни вилушкари, како и поставување нова рампа за полесен пристап до рецепцијата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.