Регион

АЕТМ: Развојот на е-трговијата во земјите од Западен Балкан

27 Jul 2022

Од компаративната анализа на балканските земји може да заклучиме дека Македонците (86%) најмногу користат интернет, во Србија има најмногу онлајн-купувачи (53%), Босанците најчесто купуваат (34%) од 6 до 10 пати во период од 3 месеци...

Автор: д-р Нина Ангеловска, претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија-АЕТМ

Пандемијата предизвикана од ковид-19 го смени начинот на живот во сите домени на дејствување. Во обид да го спречат ширењето на вирусот, владите воведуваа рестриктивни мерки, го ограничуваа движењето, ги затвораа економиите и границите. Ако градењето дигитални вештини и промената на навиките на населението одеа бавно низ годините, сега одеднаш кога не постоеше друг избор, се случи принудна промена на однесувањето и потрошувачките навики преку ноќ. Во едни вакви услови, дел од тие принудни промени на навиките беше и онлајн-купувањето. Е-трговијата на глобално ниво забележа драматичен пораст, а некои земји во неколку месеци го остварија проектираниот тригодишен пораст.

За да знаеме каде сакаме да бидеме, за да знаеме кои ни се пречките и предизвиците, за да може структурно да дејствуваме, да креираме планови и политики, потребно е да знаеме каде се наоѓаме денес. Во таа насока со изработка на сеопфатни анализи АЕТМ ја мапира постојната состојба преку разгледување на развојот во изминатите години и споредба со ЕУ-земјите и врз таа основа се стреми да ги посочи приоритетните мерки што треба да се преземат за пораст и креирање поволна клима за развој на е-трговијата. Извештаите се изработуваат со поддршка од „Мастеркард“ и можат да им послужат на компаниите, организациите, владините институции и поединците кои се инволвирани во е-трговијата. Засегнатите страни може да ги согледаат состојбата, бариерите и предизвиците што стојат на патот на развојот и да креираат политики и да преземаат активности кои ќе го забрзаат порастот на индустријата. Во тек е изработката на годишната анализа за е-трговија за 2022 година, која ќе биде промовирана на 5. Конференција за е-трговија, а дел од обработените најнови достапни податоци се презентирани во овој текст. 

Дополнително, во насока на збогатување на информираноста за е-трговија, АЕТМ со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) ја лансира платформата ecommerce4all.eu, која претставува центар со ресурси и информации за е-трговија. На платформата може да се согледаат сите релевантни индикатори за е-трговија за земјите од ЦЕФТА-регионот, на лесен и разбирлив начин. Платформата може да им послужи на сите постојни и нови компании како за согледување на локалниот пазар така и за согледување на состојбата и климата за е-трговија во земјите од регионот при нивни потенцијални планови за експанзија на други пазари. Покрај податоци, платформата содржи неколку модули и тоа за плаќања, достава, регулатива и успешни приказни во е-трговија кои се изработуваат под водство на АЕТМ, а во соработка со другите асоцијации од регионот. 

Со цел да направиме споредбена анализа на состојбата со е-трговијата со другите земји, потребно е да погледнеме повеќе индикатори. Податоците се од дата-базата на „Еуростат“ за 2021 година за земјите за кои има достапни податоци, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Северна Македонија и Србија.

За да може да купуваат онлајн, граѓаните треба да се поврзани на интернет. Во РС Македонија 86% од населението на возраст од 16 до 74 години користат интернет, споредено со 81% во 2021 година, додека во развиените земји речиси 100% од населението користат интернет. Во споредба со нашите соседи од Западен Балкан, Република Северна Македонија е најдобра во користењето интернет во регионот (графикон 1), а граѓаните од Босна и Херцеговина најмалку користат интернет (76%).

Според податоците на „Еуростат“ кои се собираат со анкета во првото тримесечје од годината, во која испитаниците се изјаснуваат за направените онлајн-нарачки и купувања во последните 12 месеци, прикажани на графикон 2, може да се забележи дека со исклучок на Германија, Полска и Австрија, сите земји бележат пораст на бројот на онлајн-купувачи како процент од интернет-корисниците. Во Република Северна Македонија 46% од интернет-корисниците нарачале онлајн во 2021, додека 40% во 2020, што во споредба со регионот ја става за две места повисоко во споредба со минатата година, односно е подобра од Романија и Бугарија, како и од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Балканските земји и понатаму се на дното на рангираната табела со европските земји. Од земјите во регионот, Србија е најдобро рангирана, каде што 53% од интернет-корисниците направиле онлајн-нарачки.

 

Прочитајте го целото истражување на стр. 26 во Мапа на трговци



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...