Регион

„Атлантик“ најде стратешки партнер за фабриката за детска храна

17 Nov 2021

„Атлантик група“ потпиша договор за купопродажба на производствената локација Мирна во Словенија со семејството Поли (Pöll) кое е сопственик на австриската компанија „Гитис натурпродукте Гмбх“. 

Станува збор за заклучување на процесот со почнатата продажба на брендот за детска храна Bebi на српската „Нелт група“ минатата година, односно за продолжување на процесот на дезинвестирање во несуштински дејности во согласност со корпоративната стратегија на „Атлантик“, при што „Гитис“ ја презема вкупната производствена локација заедно со вработените. 

На локацијата Мирна ќе се произведува асортиман на брендот Bebi, чии производи повеќе од 35 години се пласираат на пазарите во Русија и остатокот од Заедницата на независни држави (ЗНД). По минатогодишната продажба на Bebi на „Нелт група“ (која веќе располага со сопствени капацитети и експертиза за производство на детска храна), локацијата Мирна остана во системот на „Атлантик“ и во тек на тој преоден период продолжи со услужно производство на асортиманот за бебиња. За погонот и за вработените се бараше решение низ неколку алтернативни можности, било за производство на асортиман погоден за „Атлантик“, било за соработка со адекватен стратешки партнер. Австриската компанија, пак, е основана во 1957 година и за неа производството на детска храна, житарки и снек-барови е во центарот на работењето, поради што израсна во релевантен производител и партнер на бројни меѓународни купувачи. 

„Гитис“ планира полна аквизиција на локацијата Мирна, со вложувања во нејзин натамошен технолошки развој и вложувања во вработените, што е исклучителна перспектива за локацијата, соопштија од „Атлантик“. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...