Регион

„Фортенова“ ги продаде „Ледо“ и „Фриком“

31 Mar 2021

Групацијата „Фортенова“ и „Номад фудс лимитед“ потпишаа купопродажен договор за сегментот „смрзната храна“, кој се состои од компаниите „Ледо плус“(Хрватска), „Ледо читлук“ (БиХ) и „Фриком“, како и неколку помали поврзани компании. Договорот е вреден 615 милиони евра, соопштија од „Фортенова“. 

Заклучувањето на трансакцијата е планирано за третото тримесечје од 2021 година.По заклучувањето, „Номад фудс“ ќе стане сопственик на сегментот „смрзната храна“ кој е силно препознатлив меѓу потрошувачите во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и уште неколку земји во Југоисточна Европа. Со традиција подолга од половина век, овој сегмент е најголем производител и дистрибутер на сладолед и замрзната храна на пазарите на кои работи. 

Завршувањето на трансакцијата ќе зависи од регулаторните одобрувања на меродавните пазари и од одобрувањето на акционерите на „Фортенова“. Управниот одбор на групацијата, кој ги вклучува најголемите акционери, едногласно го поддржа купопродажниот договор со „Номад фудс“. 

Нашиот сегмент „смрзната храна“ е лидер во регионот во кој работиме и драго ми е што во овој процес на продажба ја остваривме главната цел - да се заклучи оваа трансакција со стратешки партнер кој ќе даде максимален придонес за натамошен развој и ќе ја препознае вредноста и потенцијалот на оваа дејност, како и на луѓето во неа, изјави Фабрис Перушко, главен извршен директор на „Фортенова“.  

„Номад фудс“ е водечки европски производител на смрзната храна кој има познати брендови како Iglo, Birds Ey, Findus, кои се продаваат во 13 европски земји. Седиштето на компанијата е во Велика Британија, а акциите на компанијата котираат на њујоршката берза.  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...