Две руски државни банки станаа сопственици на повеќе од 50 отсто акции на концернот „Фортенова“, кој настана по пропаѓањето на „Агрокор“ на Ивица Тодориќ.
„Фортенова“ вработува повеќе од 50.000 луѓе во Хрватска, БиХ, Србија, Црна Гора, Словенија и Унгарија, а се занимава со земјоделство, производство на храна и малопродажба. На „Фортенова“ до крајот на месецов ќе ѝ бидат пренесени акциите на „Меркатор“ кој работи во Словенија и во Србија. Со тоа ќе биде завршен процесот на пренесување на портфолиото од „Агрокор“ на „Фортенова“. Во тој процес, најголемиот поединечен акционер, руската „Сбербанк“ ѝ препушти на „Фортенова“ 18,53 отсто акции на „Меркатор“, а за возврат доби акции на “Фортенова“, со што стана сопственик на 44 отсто од акциите на групацијата.
Како втора руска банка, „ВТБ“ поседува 7,5 отсто од акциите на „Фортенова“. Со тоа, уделот на руските банки помина 50 отсто, поточно, сега изнесува 51,5 отсто.
Хрватските медиуми кажуваат за две можни сценарија за во иднина - руските банки да останат во „Фортенова“, бидејќи тоа е излез на руската економија на „топло море“, и второто - дека ќе им биде важно да го спасат тоа што досега го вложија, прво во „Агрокор“, а потоа и во „Фортенова“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.