Македонија

Македонците потрошиле 69,4 милиони евра на онлајн купување во првата половина од годинава

15 Sep 2020

Во првата половина од годинава граѓаните со домашни платежни картички потрошиле 69,4 милиони евра кон македонски компании кои продаваат онлајн во земјава што споредено со истиот период лани е раст од 113,5 проценти, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Ова, како што оценија денеска од Асоцијацијата, е податок што доволно говори за трендот „е-трговија” и треба да служи како мотивација за бизнисите да го искористат овој модул и да се префрлат кон онлајн наплата. Покрај тоа што ќе имаат можност побрзо да се адаптираат на промените од Ковид-19 и да се здобијат со нови купувачи и пазари, тие со е-плаќањето ќе ги автоматизираат процесите и директно ќе придонесат кон намалувањето на сивата економија.Во период на зголемено онлајн купување кога бројките од податоците на Народната банка на РСМ покажуваат 36 проценти раст на онлајн трансакциите и драстично зголемување на нови е-продавници во нашата држава, од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија велат дека продолжуваат со едукација на сите оние кои што сакаат да се запознаат со е-трговијата преку веб платформата ecommerce4all.mk преку лансирање на модулот за е-плаќање.

Модулот ги содржи сите информации за е-плаќање на едно место, каде детално е објаснет процесот на една онлајн трансакција со што се укажува на безбедноста на целиот процес, но прикажани се и понудата и можностите кои се нудат од домашните банки за имплементација на онлајн плаќање.

При мапирање на проблемите за развој на е-трговијата, како еден од проблемите кој се појави беше и недоволна информираност за можностите кои се нудат при имплементација на платежен процесор. Земајќи го ова во предвид, како и зголемениот број на трансакции кои се прават преку интернет лансиравме нов модул на бесплатната едукативна платформа кој има за цел да ги запознае сите граѓани за безбедноста при онлајн купување од една страна, но и да ги информира бизнисите за процесот и понудата за ипмлементирање на е-плаќање од друга страна, соопштија од Асоцијацијата. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...