Македонија

Со нов сет мерки ќе се стимулира приватната потрошувачка

07 Sep 2020

Новиот министер за финансии, Фатмир Бесими, во интервју за МИА најавува дека четвртиот сет мерки за надминување на економските последици од ковид-кризата, ќе биде насочен кон стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување на инвестиции во стопанството.

Овие мерки треба да се надоврзат на претходните мерки и да вбризгаат нова ликвидносна инјекција во стопанството. Деновиве Владата има континуирани средби со стопанските комори, ќе имаме и со синдикатите. Важно е во континуитет да се одржува дијалогот со нив, особено во услови на криза и да се разменат мислења и идеи за следните чекори. Владатa досега излезе со три сета мерки од околу 550 милиони евра или околу 5 отсто од БДП. Дел од мерките се веќе реализирани, дел се уште се во тек, дел ќе се реализираат во текот на годината, а дел се долгорочни. Секој од овие три сета одговара на етапите на македонската економија низ кризата, вели Бесими.

Тој вели дека ќе има и редизајнирање или подобрување на некои од постојните мерки, кои како што вели, имаат потенцијал за поддршка на економското заздравување.

Додава дека негов главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата и обезбедување забрзан раст во пост-кризниот период.

Бесими уверува дека буџетот е во добра кондиција и дека финансирањето на дефицитот и на кредитите кои доспеваат до крајот на годината ќе биде обезбедено и ќе има доволно пари за финансирање на следните пакети економски мерки и за редовна исплата на плати, пензии, социјална помош и за обврските кон стопанството и кон кредиторите.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...