Без мобилност на луѓе нема економија, велат членките на Стопанска комора Македонија – Турција (МАТТО) и апелираат до новата влада да се либерализира движењето на деловната заедница во рамки на ЦЕФТА.
Како што вели претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски за МИА, во првата половина од годината трговската размена со земјите-членки на ЦЕФТА падна за 26 отсто. Интерес за турски инвестиции постои, но без слободно движење тоа не ќе може да се реализира.
Според Комората, и ЕБРД укажува дека што побрзото кревање на рестриктивните мерки е во директна корелација со враќањето во деловна кондиција.
ЦЕФТА, нагласува Адемоски, е единствен простор во кој владите можат самостојно да се договорат и на деловните луѓе да им овозможат слободно движење низ регионот.
Ги поддржуваме напорите на Владата за зачувување на јавното здравје и за одржувaње на бизнисите. Но, сакаме и да предочиме дека во првата половина од годината трговската размена со ЕУ падна за 26 отсто, со Германија која е наш прв трговски партнер за 31,7 проценти, додека со земјите-членки на ЦЕФТА за 26 отсто, сметано во американски долари. Евидентна е рецесијата условена со планетарното намалување на побарувачката, падот на индустриското производство и на продуктивноста поради заштитните мерки, но и поради попречувањето на движењето. Ценам дека ситуацијата со пандемијата е вистински момент да почнат да се носат регионални економски политики, заеднички одлуки, но и нивно спроведување. Сведоци сме дека во сѐ има политика, па и во регулирање на режимот на движење, вели Адемоски.
Претседателот на МАТТО напоменува дека Република Турција има отворен и активен пазар и во овие услови, а тоа го потврдуваат и членките на Комората.
Турција во ЦЕФТА регионот има директно инвестирано околу три милијарди американски долари, а со вредност на проектите и повеќе што подразбира околу 100.000 постојани работни места. Регионалниот инвестициски пристап на Турција кон земјите од ЦЕФТА бара слобода на движење. Интерес за инвестирање постои, но мораме да создадеме услови, а еден од нив е слободата на движење. Заштитата од ковид-19 треба да се сведе на лична одговорност. Треба да почнеме да се бориме за деловната 2021 година без оглед на сите неизвесности и стравови. Голем рестарт значи развој на зелени индустрии, развој на информатичко општество и инклузивност, а тоа е можно само со приватно-јавен дијалог. Тоа треба да биде патоказот за понатаму, нагласува Адемоски.
Неговата порака е дека со политичка волја на регионалните лидери, во интерес на економијата и приватниот сектор, олеснувањето на движењето на деловни луѓе во ЦЕФТА ќе помогне да се обноват деловните односи.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.