Македонија

Стопанската комора бара извршен директор - се пријавија 35 кандидати

05 Aug 2020

Стопанската комора на Македонија бара извршен директор. До вчера се пријавиле 35 кандидати, на огласот кој трае до 15 август. 

Се наоѓаме пред најзначајните предизвици поврзани со коронавирусот Ковид-19 и тешката економска и финансиска криза предизвикана од тоа, без никакво искуство за вакви сложени ситуации. Но, ние во изминатите 98 години ги пребродивме сите кризи и се надеваме дека тоа ќе го направиме и сега. Затоа, последната алка во оваа активност за создавање на Комора која ќе одолее на сите предизвици е изборот на извршен директор кој ќе го раководи тимот на Комората екипиран и едуциран во изминатите 15 години, кој треба да претставува вистински сервис и поддршка на компаниите во справување со најтешките предизвици пред нас, во пресрет на одбележувањето на стотата годишнина од коморското работење во февруари 2022 година. Во потрага сме по менаџер кој ќе внесе нов дух во работењето на Комората, нов лик на нашите активности и поголема препознатливост на нашиот бренд, објави вчера Стопанската комора на својата интернет-страница, со потпис на Бранко Азески, претседател на Комората. 

Одлука на раководството на Комората е да понуди можност на секој што се чувствува способен да добие шанса, а за возврат истото раководство гарантира максимални услови што во моментот може да ги обезбеди за нормално функционирање на една така значајна функција.

Ве повикувам да ја искористите оваа можност да станете дел од една многу сериозна институција која треба да одигра исклучително важна улога во справувањето со големите предизвици што стојат пред нас, напиша Азески. 

Мандатот на извршниот директор е пет години. Платата за оваа позиција, во вкупен нето паричен износ изнесува 150.000 денари. Извршниот директор има право на исплата на парична награда – бонус кој изнесува најмногу до 30% месечно од утврдената нето плата во зависност од деловниот резултат. Извршниот директор има право на службено возило средна класа, 24 часа на располагање, како и можност за дополнителна едукација и дополнително осигурување.

Огласот можете да го видите тука. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...