Во периодот јануари-јуни годинава вкупните буџетските приходи се остварени на ниво од 44 отсто од ребалансот (годишниот план) или во износ од 87,4 милијарди денари. Тоа е за 9 отсто помалку во однос на истиот период лани, а процентот на остварување во однос на планот, е речиси ист како и минатата година.
Дефицитот во буџетот е остварен во износ од 25,9 милијарди денари, или 3,8 отсто од БДП, и е согласно проекциите на владата.
Реализацијата на вкупните приходи во јуни е за 9,6 отсто пониска во однос на истиот месец лани, додека во сценариото бевме подготвени за 20 проценти пониски приходи. Проекциите беа во надолна линија, со очекуван пад од нешто над минус 20 отсто, додека остварениот пад е минус 14,4 отсто. Ова е позитивна разлика од околу 700 милиони денари. По падот од 31 отсто и 29 отсто во април и во мај, се забележува позитивно придвижување и подобрена наплата кај даноците, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција, на која информираше за реализацијата на приходите во минатиот месец и за првото полугодие од 2020 година.
Даночните приходи во шесте месеци од годинава се намалени за 13 отсто во однос на истиот период лани и изнесуваат 47,3 милијарди денари.
Кај приходите од ПДД (персонален данок на доход) има позитивни движења. Во април тие биле минус 11,7 отсто, во мај минус 25,7 отсто, за во јуни да биде регистрирана позитивна стапка од 1,7 отсто.
Ова во голем дел се должи на мерките на Владата за помош во исплата на плати за фирми погодени од ковид-19. Кај ДДВ исто така има позитивно движење. Во април и мај падот беше минус 43,5 отсто и минус 33 отсто, додека во јуни е минус 7,5 отсто. Во услови на криза, повратот на ДДВ во првото полугодие од 2020 е повисок за 660 милиони денари спредено со истиот период лани или за 6 отсто повеќе, посочи Ангеловска.
Во јуни имало раст на приходите од придонеси од 12 отсто.
Според Ангеловска, во првото полугодие има раст на расходите на годишно ниво, најмногу како резултат на мерките против ковид-19. Вкупните расходи се 113 милијарди денари или за 9,9 отсто повеќе од шесте месеци лани. Порастот е поради исплатата на: повисоки пензии, социјална помош, плати, како и поддршка за фирми и граѓани погодени од ковид-19, во износ од околу 5,4 милијарди денари. Очекувањата на Министерството за финансии се дека и во третиот и во четвртиот квартал од годината ќе има постепено заздравување на домашната економија што ќе биде поддржано од реализација на третиот сет на мерките наменети за заживување на економската активност.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.