Македонија

Се отвораат аеродромите: „Виз ер“ утре полетува од Скопје

30 Jun 2020

По повеќемесечна пауза, меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид утре ќе ги отворат вратите за патници. 

Првиот лет е на „Виз ер“ за Бремен, Германија, утре во 6 часот наутро. Утрото ќе се лета и за Ларнака, Стокхолм и Келн со истата компанија.

Патниците ќе мора да минат ригорозна здравствена контрола пред да се упатат на посакуваната дестинација. Според новиот протокол, на компанијата ТАВ-Македонија, патниците ќе треба да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание.

Во аеродромските згради ќе можат да влегуваат само патниците. Семејствата и пријателите ќе мора да останат пред објектот.
Секој патник ќе биде скениран со термална камера и во случај да има зголемена телесна температура, нема да може да патува.

Првото слетување, пак, ќе го реализира авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ со лет од Истанбул. Веднаш потоа, исто така од Истанбул ќе слета авион на „Пегасус ерланјнс“.

Според редот на летање, за утре од скопскиот аеродром се планирани и три лета за Цирих. Ќе ги реализираат авиокомпаниите „Германиа“, „Свис“ и „Еделвајс“. Сите се во попладневните часови.

 Аеродромот во Скопје беше затворен од 19 март годинава, а охридскиот од 16 март поради пандемијата на коронавирус.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...