Македонската банкарска асоцијација (МБА) и Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) вчера потпишаа меморандум за соработка.
Меморандумот беше потпишан од Маја Стевкова-Штериева, претседателка на МБА, и Филип Чижбановски, в.д. претстедател на Асоцијацијата.
Како што соопштуваат, со меморандумот се предвидува МБА и АЕТМ да разменуваат информации од заеднички интерес, да споделуваат тековни и нови искуства, да креираат и да учествуваат на настани од областа на е-трговија и да придонeсуваат за финансиска едукација и инклузија, односно за развој на дигиталната писменост, способност и градење на капацитетен пазар на труд во секторот за е-трговија. Освен тоа, се планира и развој на програмите за потребите на корисниците на банкарските услуги. Исто така, ќе разменуваат професионални совети и ќе споделуваат тековни и нови искуства.
Со потпишување на овој меморандум за соработка, МБА ќе работи на подобрување на банкарските услуги поврзани со е-трговија, унапредување на транспарентноста, безбедноста, брзината и квалитетот при извршување на услугите и ќе се стремиме заеднички да придонесеме за подигнување на нивото на едукација на клиентите и зголемено користење на платежните картички во секојдневието, вели Штериева.
Според Чижбановски, банките се значајна алка во синџирот на е-трговијата и само со заеднички пристап може да се подобрат условите во кои работат е-трговците и да се стекне довербата на онлајн-купувачите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.