Македонија

Нови правила на аеродромите во Скопје и во Охрид

24 Jun 2020

Патниците ќе треба да пристигнат на аеродромот најмалку три часа пред нивниот лет, да носат заштитна маска постојано, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена, се дел од новите правила за патување на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид кои стартуваат со патнички летови од 1 јули.

Двата аеродрома во земјава се затворени од 16 односно 19 март како дел од мерките за спречување на влез и ширење на ковид-19

.Како што соопштија денеска од „ТАВ Македонија“ во однос на Меѓународниот аеродром Скопје, за полетувања, единствен отворен влез за патниците во зградата ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агентите за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите и да ги дезинфицира рацете на бесконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

Потоа на патниците ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери и доколку немаат покачена телесна температура ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација.

Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, ниту на заминување, пристигнување или кај излезите , туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани, објаснуваат од „ТАВ Македонија“.

При излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места „ТАВ Македонија“ има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.

Насекаде низ аеродромите се поставени информативни знаци – банери, налепници и билборди кои ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.Некои од аеродромските процедури ќе се одвиваат побавно со оглед на новите правила за патување наметнати од глобалната пандемија. За да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од „ТАВ Македонија“ ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн-регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување.  Таа е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн-регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.Од Управата на аеродромите се истакнува дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат, што не беше случај досега.

Во врска со распоредот на летање, од „ТАВ Македонија“ им посочуваат на патниците да ги следат нивните веб-страници  http://skp.airports.com.mk/.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...