Македонија

Работодавачите бараат од партиите конкретни решенија за надминување на последиците од кризата

22 Jun 2020

Пред официјалниот старт на кампањата, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) ги повикува политичките партии што учествуваат на претстојните парламентарни избори во своите изборни програми да понудат конкретни решенија за надминување на економските и социјалните последици од Ковид-19 пандемијата.

ОРМ очекува изборите да бидат успешни и да овозможат брзо формирање на стабилни институции кои, преку ефективен социјален дијалог со работодавачите и синдикатите, ќе креираат адекватни економски мерки и политики за надминување на актуелната криза.

Резултатите од анкетата што неодамна ја спроведе ОРМ покажале дека Ковид-19 кризата има големо влијание кај над 80 отсто од домашните компании, а дури 40.000 работни места се наоѓаат во непосреден ризик. Над 70 отсто од анкетираните компании сметаат дека за да ја одржат својата економска активност потребно е да продолжи државната помош и истата да се прошири со даночни олеснувања и дополнителна кредитна поддршка.

Анкетата јасно покажува дека бизнисот смета на понатамошна поддршка од државата во надминувањето на последиците од актуелната криза, што станува сосема јасно дека ќе биде долготрајна и ќе зафати многу сектори. За да се даде соодветен одговор на тековните и идните предизвици неопходни се силни институции, а предуслов за тоа е брзо формирање на стабилна Влада и функционално Собрание кои ќе работат на реализација на економска програма која ќе содржи ефикасни решенија за наминување на последиците од актуелната криза и враќање на патеката на економски раст. За да се креира и спроведе ваква економска програма, неопходно е политичките партии уште во изборната кампања да ја стават економијата како еден од врвните приоритети и да понудат јасни и конкретни предлози. Владата мора да го поттикнува претприемачкиот дух и спремноста да се ризикува и во вакви неповолни услови за стопанисување, вели претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Истовремено, ОРМ апелира до своите членки и целокупниот бизнис сектор во земјата да преземат одлучни чекори со кои ефикасно ќе ги адаптираат своите деловни активности и процеси кон економските текови предизвикани од новата реалност.

Јасно е дека како бизнисмени и претприемачи се соочуваме со предизвици кои се без преседан во поновата историја на човештвото. Токму ваквите предизвици би требало да претставуваат дополнителен мотив и поттик за будење на претприемачкиот дух и инвентивноста, особено кај младите, но и кај поискусните бизнисмени. Бизнисот не може и не треба да се ‘потпира’ единствено на поддршката од државата. Сега е време кога треба да се делува похрабро, па дури и по цена за зголемен деловен ризик, со внесувањето на промени во работењето, во реализација на нови инвестиции и деловни потфати што ќе ја зголемат продуктивноста, ефикасноста и ќе отворат нови перспективи за развој на бизнисот во новата реалност, смета Димитров.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...