Македонија

Од денес Македонија ги отвора границите

17 Jun 2020

Македонија денес ги отвора сите свои граници, по точно три месеци откако беа воведени рестрикциите.

Граѓаните можат да влегуваат и да излегуваат од државата, но со примена на активните мерки за заштита. Тоа значи дека при влезот мора да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, а потоа да се минат и 14 дена во домашна самоизолација. Влезот во земјата без тест за сите граѓани или странци значи државен карантин од 14 дена. Тука можат да се тестираат и доколку тестот е негативен да одат во домашна изолација.

Странските државјани кои сакаат да транзитираат низ земјата кон трета држава,  сега тоа ќе можат да го прават од сите гранични премини. Останува ограничувањето од најмногу 5 часа во рамките кои треба да се реализира транзитот и тоа на автопат, но не и на локален пат. Странците потпишуваат изјава дека ќе ги почитуваат поставените правила за транзит, кои тие ги предаваат на полицијата на излезот, со цел да го контролираат времетраењето на транзитот. 

Владата ги затвори границите на 17 март годинава со цел да го спречи ширењето на коронавирусот во земјата. Но, Македонците и сега немаат многу опции за патување-туристичките патувања во моментов се ограничени на Албанија и Србија. Тоа се единствените две држави во кои, во моментов, нема рестрикции за влез на македонски државјани. Може да се влезе и во Бугарија, но таму по влезот мора да се минат две недели во карантин.

Внатрешните граници на 22 од 26 „шенген-земји“ се повторно отворени. Надворешните граници на Европа остануваат затворени за земјите од Западен Балкан до 1 јули, за кога Европската Комисија најави дека ќе се отворат и за балканските држави. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...