Околу 30 милиони евра потрошиле македонските граѓани на е-продавници во првите три месеци од годинава, а само во март 10,1 милион.
Пандемијата со корона вирусот влијаеше врз промената на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето, наместо кон странски земји, го пренасочија кон домашни е-продавници. Ова се потврдува со огромниот пораст на трансакциите реализирани кон домашни е-трговци. Како што соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), повикувајќи се на податоците од НБРМ за безготовински платежни трансакции, влијание врз порастот има и затворањето на границите и проблемите со доцнењето со испораките на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат, пред сè, од земји кои беа со голем број заразени лица од вирусот ковид-19.
Анализата на Асоцијацијата за е-трговија покажува дека во текот на првите три месеци од 2020 година Македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5 отсто) во однос на истиот период претходната година. Македонските граѓани во март потрошиле 10,1 милион евра онлајн.
59,4 отсто од вредноста на онлајн-трансакциите реализирани со платежни картички останале во земјава, додека остатокот биле реализирани кон странство. Според НБРМ, бројот на онлајн трансакции од физички лица во месец март годинава, во корист на виртуелни места на продажба, бележи пораст од 99 отсто, во однос на месец март лани.
Во државава, заклучно со 31 март 2020 година активни се 1.078 витруелни ПОС уреди, а согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб-страници за е-трговија), активни се 1.078 продажни места. Станува збор за регистрирани виртуелни продажни места пријавени од петте банки кои во моментов нудат е-трговија. За период од првите три месеци годинава, бројот на онлајн-продавници се зголемил за дополнителни 58. Според податоците кои Асоцијацијата за е-трговија што ги обезбеди од петте банки, во март банките имплементирале 42 нови е-продавници, а во јануари и февруари годинава се вклучиле вкупно 16 е-продавници.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.