Владата го донесе вториот пакет на мерки за спроведување на директна помош и поддршка за секоја фирма, семејство, домаќинство и ова се мерки кои ги помагаат сите, рече премиерот Оливер Спасовски, кој ги образложи мерките на денешната прес-конференција.
Главната мерка е директната помош од по 14.500 денари месечно за секој вработен за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата. Со оваа мерка државата ги спасува работните места на граѓаните. За оваа мерка донесовме уредба со законска сила за работодавачите од приватниот сектор погодени од кризата, за исплата на платите за месеците април и мај, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна, директна финансиска помош на работодавачите. Дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за сите мерки. Ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие за двата месеци изнесува 29.000 денари, близу 500 евра - на сметката на работодавачот, но парите се наменети за работниците. Оваа уредба го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор, секое правно лице и кое вработува работници врз основа на договор за вработување, рече Спасовски.
Со оваа мерка ќе се врши исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот,барател на финансиската поддршка, за исплата на плати на работниците за април и мај, во износ најмалку по 14.500 месечно по работник. Ако работник бил ангажиран со полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ. Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува барање до УЈП, преку системот е-даноци, до 5-ти ти во месецот за претходниот месец. Сите информации за тоа кои компании ќе имаат право за користење оваа мерка, како и на оние што не се опфатени, ќе бидат наведени во Уредбата што ќе биде објавена уште утре во Службен весник, како и на веб-страницата на Владата.
Износот ќе се исплатува до 13-ти во месецот за претходниот месец.
Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансски средства во целост, заедно со камата за јавни давачи, доколку УЈП или Трудовиот инспекторат утврдил дека не ги исполнил условите за стекнување право на оваа мерка. За времетраењето на финансиската поддршка согласно оваа мерка, и четири месеци отпосле, заклучно со септември, има обврска да го задржи истиот број на вработени во месеците за кои користел финансиска поддршка.
Спасовски посочи дека како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат да ја искористат мерката за покривање 50 проценти од придонесите на платите за овие вработени.
Тој најави казни за евентуалните манипулации.
Во користењето на мерките можат да настанат и злоупотреби. Информирам дека тоа ќе се следи веднаш од надлежните институциите и ќе се преземаат соодветни мерки. Постои член во Кривичниот законик кој регулира кривично дело злоупотреба на субвенции од државата Така секој треба да се гледа во овие законски надлежности, рече Спасовски.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.