Во вонредни услови, од корен се менува начинот на живот и навиките на луѓето. Како најуспешни методи за справување со проширувањето на Ковид-19, здравствените власти ги истакнуваат социјалното дистанцирање и самоизолацијата. Во тие услови се наметнува потребата на работа од дома, електронска настава, но и купување од дома преку онлајн-нарачки.
InStore разговараше со македонските е-трговци со прехранбени производи Paket.mk, E-tinex и Marketonline.mk (Рептил) за зголемената онлајн-побарувачка, и ги праша како тие се справуваат со новонастанатата ситуација, кои мерки за заштита ги преземаат и зошто е-продажбата е многу важна во овој период.
Драган Јосифовски, основач на е-супермаркетот Paket.mk, вели дека побарувачката е зголемена за повеќе од 400%. Според него, во овој период купувачите ги согледуваат предностите на онлајн-купувањето. Можеби периодов купувачите се потолерантни, но Paket.mk не прави компромиси кога е во прашање квалитетот. Единствена разлика е достапноста на термините, кои се трошат многу побрзо од претходно. Така, наместо истиот ден, сега првиот слободен термин е за 5-6 дена. Ова е добар период за создавање на навики за купување преку интернет, а тие што ќе успеат да го задржат квалитетот, може да сметаат на зголемен број лојални купувачи по завршување на оваа вонредна ситуација. Едвај чекаме повторно да го понудиме вистинското искуство на Paket.mk, со достава во термини што може да бидат и за само 2 часа од времето на нарачката, вели тој.
Поради значителен пораст на продажбата од интернет-продавница, тимот на e-tinex.mk, подружница на „Тинекс“, работи во две смени со полн капацитет: Во споредба со претходниот месец имаме трипати повеќе нарачки. Работиме со полн капацитет, испорачувајќи го максималниот број нарачки на дневно ниво, истакнуваат од компанијата. Додаваат дека главна причина што ги поттикна граѓаните да ги променат потрошувачките навиките што дотогаш ги практикувале, е проширувањето на Ковид-19 во земјава: Луѓето почнаа да размислуваат за нови начини како да ги задоволат секојдневните потреби. Како еден од начините да ги избегнат непотребните изложувања на вирусот при посета на маркет, тие се свртеа кон електронското пазарување, како побезбедна и полесна варијанта.
„Рептил“ е отворен кон електронскиот пазар преку е-продавница marketonline.mk. Комерцијалната директорка Јованка Трајкова вели дека е-побарувачката е зголемена, но во моментов не може да каже точно колку во проценти. Работиме максимално на е-продажбата, се трудиме да ги задоволиме сите купувачи. Досега не сме имале проблем со нарачките, сите се доставени точно до предвиденото време.
Трајкова додава дека во периодов добро е луѓето да ги искористат понудите и можностите за онлајн-купување на производите: Секако, сега е периодот кога овој начин на купување треба да има предност и воедно е период кога треба максимално да се искористат ресусрсите.
На e-tinex.mk најголем пораст на продажбата имаат основните производи (брашно, зејтин и млеко), конзервираните, како и грав, грашок и леќа. Дополнително, имаме зголемена продажба и на производите што редовно се нарачуваат од нашата интернет-продавница, како вода, газирани и негазирани пијалаци, детергенти за алишта, тоалетна хартија и др.
Од „Рептил“ на почетокот прогнозирале дека не само онлајн, туку и при купувањето во продавниците најмногу ќе се бара брашно, тоалетна хартија и зејтин. Точно, побарувачката за тие производи навистина беше голема, но се продаваа и другите производи во големи количества. Сè се продава, истакнува Трајкова.
Јосифовски вели дека се продаваат истите производи како и вообичаено, но во поголрм обрм. Видлив е порастот на обемот во кој се нарачуваат некои производи што може да се складираат, особено во првите денови од настанувањето на ситуацијава. Сега, нарачките се стабилизирани и купувачите нарачуваат нормално за неколку дневни или неделни потреби, изјави тој, додавајќи дека за тоа придонеле и со ограничување на максималните количества што може да се нарачаат од одредени производи.
И од „Тинекс“, и од „Рептил“, и од Paket.mk подвлекуваат дека се преземени сите пропишани мерки за заштита и дезинфекција при доставата на производите до крајните купувачи.
Во сите наши маркети се преземени сите пропишани мерки, па така, и нашата електронска продавница не е исклучок. Иако интернет-продавницата нема физичка локација и влез на потрошувачи, при дезинфицирањето се третира со иста важност како и кој било друг маркет. Строго се почитуваат сите препорачани превентивни мерки, истакнуваат од „Тинекс“, и додаваат дека редовно се врши дезинфекција на рацете на вработените, при подготовка и при испорака на секоја нарачка се користат заштитни медицински ракавици и маска за лице. А, за поголема заштита и безбедност, пред испораката се врши дезинфекција и на транспортните кутии со соодветни средства за дезинфекција.
И од „Рептил“ се децидни дека доставувачите и потрошувачите мора да бидат максимално заштитени: Доставувачите носат заштитни кабаници, маски и ракавици. Има децинфекциско средство кое доставувачот го носи со себе, а има и уште едно во возилото. Пред да се достави нарачката им се јавуваме на потрошувачите за да ги прашаме во кој период да им бидат доставени производите, дали смееме да им заѕвониме, дали се можеби во карантин или едноставно да им ги оставиме пред врата. На овој начин ги заштитуваме и нашите вработени, бидејќи има доста наши лојални потрошувачи што се во карантин. По користењето и возилото се чисти, се дезинфицира.
Paket.mk уште од првиот ден воведува вонредни процедури и обуки за безбедност. Не запревме на првичните промени. Секојдневно ги анализиравме ризиците и во моментов имаме воведено целосно бесконтактна достава, истакнува Јосифовски. Тој објасни дека десетина минути пред доставата купувачот добива СМС-порака со упатство за бесконтактната достава. Доставувачот ги остава пакетите на прагот, го известува купувачот дека се оставени пакетите, се оддалечува, го поздравува купувачот од далечина и заминува. Покрај тој, магацинот се дезинфицира на одредени периоди, а возилата темелно се дезинфицираат пред секој утовар. Сите вработени се опремени со соодветни маски, ракавици, дезинфекциони средства и упатства за заштита, а се применуваат и дополнителни мерки за прием на стоките.
Од „Тинекс“ заклучуваат дека сепак во овие тешки услови неблагодарно е да се рамислува за потенцијалот за профит и заработка на е-трговците. Првичната причина поради која ја креиравме интернет-продавница беше да им го олесниме купувањето и да им помогнеме на потрошувачи. Тоа е она што токму сега и го правиме.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.