Поголемиот дел од граѓаните се дома и приготвуваат храна во домашни услови, а Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потсетува на ,,Петте клуча до побезбедна храна“.
1.ВНИМАВАЈТЕ НА ЧИСТОТАТА
Мијте ги рацете пред земање на храната и во текот на нејзината подготовка. Мијте ги рацете по одење во тоалет. Одржувајте ги чисти сите површини и опремата што ја користите за подготовка на храната. Заштитете го просторот на кујната и храната од инсекти, штетници и други животни.
ЗОШТО?
Повеќето од микроорганизмите не предизвикуваат болести, но опасните микроорганизми може да се најдат на различни места – во почвата, водата, на животните и на луѓето. Тие се пренесуваат преку рацете, кујнските крпи и садови, особено преку даските за сечење и со најмал допир може да се пренесат на храната и да предизвикаат заболување што се пренесува преку храна.
2.ОДВОЈТЕ ГО СУРОВОТО ОД ЗГОТВЕНОТО
Одвојте го суровото месо, живината, рибата и морските плодови од другата храна. Садовите и приборот (ножевите и даските) за сечење и обработка на суровата храна, не ги користете за термички обработената храна. Чувајте ја храната во одвоени садови за да се избегне контактот на суровата со обработената храна.
ЗОШТО?
Суровата храна, особено месото, живината, рибата и морските плодови, може да содржи опасни микроорганизми, кои со текот на подготовката и чувањето може да се пренесат на храната.
3.ТЕМЕЛНО ЗГОТВЕТЕ ЈА ХРАНАТА
Храната гответе ја темелно, особено месото, живината, рибата и морските плодови. Супите и гулашите оставете ги да провријат за да бидете сигурни дека е постигната температура од 70 Целзиусови степени. При печење на месото и месото од живина, сокот не смее да биде розеникав, туку треба да е бистар.
Се препорачува да се употребува термометар за мерење на температурата на месото. При подгрејување, храната темелно загрејте ја.
ЗОШТО?
Правилното готвење ги уништува речиси сите микроорганизми. Истражувањата покажале дека со готвење на храната на 70 Целзиусови степени можеме да бидеме сосема сигурни дека храната е безбедна за консумација.
4.ХРАНАТА ЧУВАЈТЕ ЈА НА ПРОПИШАНАТА ТЕМПЕРАТУРА
Не оставајте ја зготвената храна на собна температура подолго од 2 часа. Целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок, оладете ја (на температура под 5 Целзиусови степени). Пред послужување зготвената храна добро подгрејте ја (над 65 Целзиусови степени). Дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време.
ЗОШТО?
Микроорганизмите може многу брзо да се размножуваат доколку храната се чува на собна температура. Со чување на храната на температура пониска од 5 Целзиусови степени и обработка на повисока од 60 Целзиусови степени, размножувањето на микроорганизмите е значително забавено или целосно запрено. Сепак, некои микроорганизми се размножуваат дури и при температура под 5 Целзиусови степени.
5.КОРИСТЕТЕ ИСПРАВНА ВОДА И СВЕЖИ НАМИРНИЦИ
Користете само здравствено исправна вода. Изберете само свежи намирници и избегнувајте ги тие за кои се сомневате дека се здравствено неисправни. Изберете ја храната која претходно е термички обработена ако таа го намалува ризикот од труење, а не влијае значително на хранливите својства (пастеризирано млеко).
Измијте го овошјето и зеленчукот пред консумација во свежа состојба. Не употребувајте храна со поминат рок на траење.
ЗОШТО?
Суровите намирници, вклучувајќи ги и водата и мразот, може да бидат контаминирани со опасни микроорганизми и хемикалии. Отровни соединенија може да се создадат во оштетена и мувлосана храна. Со поголемо внимание при изборот на суровите прехранбени производи, како и со едноставните мерки – миење и лупење, може значително да се намали потенцијалниот ризик.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.