Компанијата „Алкалоид“ работи со максимална искористеност на производствените капацитети и човечките ресурси што се на располагање.
Направивме реорганизација на сите процеси за да ги задоволиме барањата на македонскиот пазар за лекови, дезинфициенси, медицински алкохол, антисептици и други средства со антибактериско дејство, соопштуваат од компанијата.
Поради големата побарувачка на производите и предизвиците со кои се соочува компанијата при набавка и транспорт на суровини и амбалажа од увоз, можно е да се јави застој во некој сегмент, но во никој случај нема да се дозволи прекин во снабдувањето на кој било од споменатите производи.
Според наведеното во соопштението, согласно вонредните услови на функционирање во „Алкалоид“ и покрај отсуство на повеќе од 150 вработени, кои се ослободени од работа, приоритетот во снабдувањето со средства за дезинфекција и хигиена се болниците, здравствените домови и институциите што функционираат во кризни услови. Доставата до веледрогериите (аптеките) и до дистрибутерите (синџирите маркети) можно е во овој период да се одвива со мал застој, првенствено поради неумерените набавки на домаќинствата.
Водени од начелата за корпоративна општествена одговрност, како и хуманата програмско-производна определба, насочена пред сѐ кон крајните корисници „Алкалоид“ цврсто ќе остане на одлуката да не ги зголеми цените на ниту еден производ од кој било сегмент на производството, независно од зголемувањето на цените на влезните суровини, логистичките и ресурсните предизвици со кои се соочуваме. Излезните цени на нашите производи, особено на лековите, дезинфициенсите, медицинскиот алкохол, антисептиците и останатите средства со антибактериско дејство се дистрибуираат согласно ценовниците од 1 февруари 2020 година и ќе останат исти, нагласуваат од компанијата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.