Македонија

Црвен крст и „Пивара Скопје“ ќе им помагаат на ранливите категории

17 Mar 2020

Од утре Црвениот крст на Град Скопје во соработка со „Пивара Скопје“ ќе обезбедува логистичка поддршка на ранливи целни групи на територија на Скопје.

Десет мобилни тимови ќе бидат лоцирани на пет локации во градот, а дополнителниот тим за бездомните луѓе ќе биде лоциран во Момин Поток. Мобилните тимови ќе функционираат секој работен ден, од 8:30 до 12:30 часот, со задача да извршат неопходна набавка на лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и да ги достават до домовите на старите, изнемоштени луѓе што живеат сами, хронично болните, семејствата со луѓе со посебни потреби, самохраните родители и други ранливи категории граѓани во Скопје.

Целта е да им се овозможи поддршка на луѓето на кои таа им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови. На тој начин ќе се намали ризикот од инфицирање со вирусот Ковид-19, се наведува во заедничкото соопштение.

Мобилните тимови ќе бидат составени од двајца од тимот за одговор при катастрофи, еден член од тимот за логистика и едно обучено лице за основна медицинска помош (парамедик). Нивната сервисна услуга ќе биде бесплатна, а граѓаните ќе треба да одвојат финансиски средства само за артиклите или лековите што им се потребни.

За повикување на мобилните тимови граѓаните ќе можат да ги користат следните телефонски броеви, според местото на живеење:

  • Црвен крст Центар:              070/297-166               02/3115-029
  • Црвен крст Кисела Вода:     070/379-456               02/3211-417
  • Црвен крст Чаир:                  070/208-383               02/2621-924
  • Црвен крст Карпош:             070/226-136               02/3068-806
  • Црвен крст Гази Баба:          071/243-078               02/2529-153
  • Тим за бездомни лица                                              02/3096-227

Дополнително, од утре почнуваат да функционираат и две СОС-телефонски линии на Црвениот крст на Град Скопје, преку кои секој работен ден од 9:00 до 13:00 часот граѓаните ќе можат да добијат психо-социјална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба. Старите и изнемоштените луѓе можат да се јават на 075 352 246, а другите на 071 379 119.

Овие активности се координирани и поддржани од градоначалникот на Скопје и од градоначалниците на скопските општини.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...