Македонија

Стопанска комора и „Македонија 2025“ потпишаа меморандум за соработка

14 Nov 2019

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески и претседателката на Одборот на директори на „Македонија 2025“, Вера Ставров, потпишаа Меморандум за соработка со цел зацврстување на деловната комункација меѓу македонската бизнис заедница и македонската бизнис дијаспора.

Целта е со заеднички активности на Комората и организацијата „Македонија 2025“, домашните компании да може да остваруваат подобри перформанси и да придонесат за забрзување на растот на македонската економија и за развој на македонското општество.

Меморандумот предвидува повеќе форми на соработка, вклучително и чекори за зголемени извозно-увозни активности; организација на трибини, презентации, семинари, обуки, конференции кои се од взаемен интерес а таргетираат различни целни групи; трансфер на знаење преку различни форми на едукација; организирање и спроведување на заеднички истражувачки проекти и взаемна размена на информации за резултатите од истражувањето.

Азески истакна дека официјализирањето на соработката со „Македонија 2025“ го затвора кругот на бизнис институции на локално, регионално и на меѓународно ниво кои се поддршка на компаниите и ги ставаат на располагање, ресурсите, искуствата и знаењето во подигање на конкуретноста и иновативноста на домашните стопански субјекти, и им ја отвора посмело вратата на странските пазари.

Стопанството во една држава може да остварува подобри резултати само ако економијата гради мостови и форсира бизнис активности. Потврда за тоа е работата на фирмите во рамки на здруженијата, асоцијацииите, Советот на странски инвеститори...Членка сме на Асоцијацијата на Балкански комори, на EUROCHAMBER, активно сме вклучени во Коморскиот инвестициски форум во рамки на Западен Балкан а сега се воспоставува и официјална соработка со „Македонија 2025“, изјави Азески. 

Ставров изрази благодарност за воспставената соработка со Стопанската комора и рече дека тоа може да биде од огромно значење за бизнисот од аспект на поддршка во иновативни процеси со цел поттикнување на извозните активности на компаниите.

За таа цел следната година Комората и „Македонија 2025“ ќе работат на зацврстување на соработката со цел унапредување на врските помеѓу македонската бизнис заедница и македонската бизнис дијаспора. 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...