Македонија

Обезбедени средства за 20.000 оброци

02 Sep 2019

Џемови, торти, салати и сокови од праски, се само дел од производите што успешно беа продадени на првата хуманитарна „Праскијада“, при што се обезбедија 20.000 оброци за социјално загрозени луѓе.

Организаторите на првата „Праскијада“, која се одржа во саботата во Градски парк (Школка), истакнаа дека настанот го посетиле околу 1.000 луѓе. Посочија дека понудувачите успеале да продадат повеќе од 90% од подготвените производи. Настанот се одржа во организација на „Сите сити“, со поддршка од УСАИД преку проектот за граѓанско учество.

Во 2018 година почнавме да го развиваме системот за спас на добрата храна, па наместо да се фрла, ја пренасочуваме кон тие на кои им е најпотребна. Големи количества квалитетна храна со возило се преземаат од различни бизниси и се носат во центри за бездомници, народни кујни и сл. Ова го правиме во соработка со повеќе од 20 големи компании од индустријата за храна и со повеќе од 30 партнерски граѓански организации, изјавија од „Сите сити“.

Истакнаа дека, целта на граѓанската организација е значително да се намали бројот на гладни граѓани, околу 460.000 во земјава, кои не може да си ги дозволат сите оброци во текот на денот, како и да станеме земја во која добрата храна не се фрла.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...