Претставниците на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) потпишаа Меморандум за соработка за подобрување на трговијата во рамките на ЦЕФТА, кој треба да овозможи отстранување на бариери во трговијата, усогласувањето на придружната документација при прекуграничното движење на стоки во регионот, како и меѓусебно признавање на ветеринарни и фитосанитарни сертификати.
Меморандумот го потпишаа претседателот на Управниот одборот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ ЗБ6) Марко Чадеж, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Ѓикиќ и Томислав Кнежевиќ од Германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ).
Чадеж, кој е и претседател на Стопанската комора на Србија, рече дека коморите од регионот, како глас на економијата, се обидуваат да работат заедно со властите, со цел да најдат заеднички системски решенија. Воведувањето меѓусебно признаени овластени економски оператори (ОЕО) за трговијата во регионот, чиешто формирање е во тек, ќе им овозможи на компаниите да ја поминат фазата на регистрација во една земја, која се базира на обезбедување транспарентност во бизнисот, шпедицијата, увозот и извозот на стоки и тој статус како таков да им се признае во целиот регион. Компаниите кои еднаш ќе се регистрираат преку овој систем, ќе немаат проблеми на граничните премини, бидејќи целата документација ќе биде меѓународно призната.
Генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Сафет Герџелиу, додаде дека со потпишувањето на Меморандумот започнува нова ера на соработка во регионот.
Целта на овој договор е да се зајакне дијалогот и партнерството во регионот и приватниот сектор да има можност да биде дел од одлуките и договорите на регионално ниво. Само таков регион, може да биде привлечен за инвеститорите и само на тој начин проблемите ќе можат да се решат – изјави Герџелиу.
Во рамки на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), повеќе од 350.000 компании се членки на националните комори.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.