Македонија

Нов Правилник за мелено месо од 1 мај

20 Mar 2019

На пакуваните полуготови ќебапчиња и плескавици што може да се купат во маркетите или месарниците, од 1 мај годинава ќе мора да пишува колку протеини и вода имаат, кои адитиви ги содржат, дали се направени од свежо или замрзнато месо…

Тоа се само дел од обврските што ги наметнува новиот Правилник за мелено месо кој треба да го гарантира правото за информирање на потрошувачите, но и да спречи евентуални малверзации од аспект на тоа што купувачот купува и што јаде. 

Со Правилникот е точно утврдено кои категории месо може да се употребуваат за производство на одредени производи. На декларациите, покрај протеините, ќе се наведуваат и содржината на колаген во протеините од месото. Ако станува збор за замрзнато месо, мора да пишува и кога е замрзнато, не само кога е спакувано. Оние кои ќе бидат фатени дека мамат можат да сметаат на казна од 500 до 1.500 евра зависно од тоа што излажале во декларацијата.

Ова практично ќе значи детално информирање на купувачите за тоа каква храна купуваат и консумираат. Задолжително ќе биде декларирањето на потеклото на месото, наведувањето дали производот е од свежо или замрзнато месо, колку од вкупните протеини се животински, односно колку од животинските се колагени кои имаат пониска нутритивна вредност. Тука се можни економски добивки, преку вметнување повеќе колагени и нивно прикажување како протеини, појасни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Според него, досега на декларацијата не го пишуваше процентот на вода во месото, а токму додавањето вода е класична злоупотреба. 

Од почетокот на годинава досега не е поднесена ниту една претставка до АХВ за квалитетот на месото.

Агенцијата за храна најавува засилени инспекциски контроли со кои ќе се утврдува дали се почитуваат новите допрецизирани стандарди во Правилникот што треба да ги исполнат операторите со храна.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...