Македонија со Национален штанд се претставува на најголемиот прехрамбен саем во Југоисточна Европа „МИР ПИТАНИЕ 2018" (WORLD FOOD 2018), кој се одржува од 17-ти до 20-ти септември во Москва.
Вкупно 12 македонски компании, производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук, ги излагаат своите производи пред посетителите на саемот и бизнис- круговите од овој дел на светот. Настапот на македонските компании е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора и со финансиска поддршка на ресорното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Присутни се „Агролозар" од Струмица, „Випро" и „Виториа" од Гевгелија, „Суна стар" и „Румко" од Ресен, „Ларс" од Штип, „Кривогаштани промет" од Прилеп, „Бага Фуд" од Битола, „Јуникс", „Химаглион", „Конимекс" и „Виталиа" сите од Скопје. Свој посебен штанд на московскиот саем има „Витаминка" од Прилеп.
Национален штанд на Македонија се простира на 90 квадратни метри, а бизнис - делегацијата составена од 25 луѓе од деловниот сектор ја предводи м-р Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско - руската стопанска комора.
Во првото полугодие од годинава македонските компании во Руската Федерација извезле зеленчук во износ од 5,7 милиони долари и овошје за близу 4,9 милиони долари.
Загрижувачко е што е преполовен извозот на зеленчук во споредба со истиот период од лани, пред се, заради тоа што изостана пласманот на свежата зелка. За четвртина е намален пласманот на македонското овошје. За ваквата малаксаност на македонскиот извоз на овошје и зеленчук нема никакви политички причини, туку станува збор за одредено неснаоѓање на домашните компании со силната конкуренција на која се изложени на овој пазар.Но, добра вест е што не е намалена побарувачката на македонските земјоделски производи од страна на руските компании – рече Бешлиев.
Во московскиот „Експоцентар", каде што се одржува саемот, излагаат 1600 компании од 62 држави.Во просек изложбата на храна ја посетуваат преку 30.000 посетители од 79 региони во Русија и од 90 други држави. Дури 25.000 посетители или 84 отсто од посетителите влијаат на одлучувањето за купување на производи презентирани на саемските штандови.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.