„Инсторе медиа“ присуствува на една од најголемите меѓународни саемски манифестации во прехранбената индустрија, саемот „Сиал“ што се одржува во Париз од 19 до 23 октомври , на кој и годинава се претставија македонските компании од прехранбената индустрија.
Компаниите „Аграр Ко“, „Ларс“, „Екслузив“, „Лион“, „Фруктана“, „Мако маркет доо“, „Хина продукст“, „Макс фуд индустри“, „Иноспектар“, „Конимекс холдинг“, „Соко“, „Винчини – Макпрогрес“, „Випро“, „Вори“ ќе ги претстават своите производи на саем, а Националниот штанд и учеството на македонските компании е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Годинава „Сиал“ прославува 60 години од постоењето и со својата долгогодишна традиција претставува водечка деловна платформа преку која производителите и извозниците ги договораат идните деловни аранжмани со трговците, купувачите, извозниците, дистрибутерите, експертите од најголемите светски малопродажни синџири и претставници од „Хорека“ синџирот на продажба.
На саемот се промовираат десет тематски целини во рамките на единаесет изложбени павилјони и тоа: национални павилјони и региони од светот, готова храна, замрзната храна, млечни производи, овошје и зеленчук, месо и риба, кондиторски производи, долготрајни производи, пијалаци, органска храна и здрави грицки.
„Сиал“ се одржува секоја втора година и на саемот се претставуваат преку 7.500 излагачи од 127 држави со над 400.000 високвалитетни производи. Се очекува саемот да го посетат над 285.000 стручни посетители, а како и секоја година InStore има свој претставник на саемот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.