Македонија

Комисија за заштита на конкуренцијата: Законот за нефер трговски ги штити најранливите на пазарот

04 Oct 2024

Поминува првата седмица откако стапи на сила законот за нефер трговски практики. За очекувањата од примената на овој закон и ефектите врз субјектите на пазарот InStore побара одговори од Комисијата за заштита на конкуренцијата која што е надлежна за спроведување на Законот за нефер трговски практики.

 

Какви се надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) во спроведувањето на законот за нефер трговски практики?

Согласно член  9 од законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи надзор над спроведувањето на одредбите од законот врши Комисијата за заштита на конкуренцијата. Комисијата ја контролира примената на одредбите од законот, а со истиот член е утврдено дека за прекршоците определени законот надлежен прекршочен орган е Комисијата за заштита на конкуренцијата. Законот ги регулира нефер трговските практики помеѓу купувачите и добавувачите при што поблиску се определени нефер трговските практики кои купувачите не смеат да им ги наметнуваат на добавувачите/производители на земјоделски и прехрамбени производи. Доколку има наметнување на нефер трговски практики спротивно на законот, Комисијата, согласно законот ќе поведе прекршочна постапка со цел да утврди дали е сторено прекршување на законот и доколку се утврди постоење на прекршок, Комисијата ќе изрече соодветна глоба (парична казна). Комисијата може да поведе постапка по добиена пријава токму од добавувачите/производителите на земјоделски и прехрамбени производи и да постапува по истите. Овие пријавители може да бараат да останат анонимни (односно Комисијата да не го открие нивниот идентитет). Исто така, Комисијата врз основа на сопствени сознанија може и по службена должност да поведе постапка за оценка на одредени трговски практики кои може да се забранети со Законот.

Со какви предизвици очекувате да се соочите при примената за законот за нефер трговски практики?

Ова е нов закон кој до сега не постоел и за чија примена не постои пракса, па токму затоа и се јавуваат голем број на прашања од страна на претпријатијата кои се засегнати од законот.

Во таа насока, Комисијата веќе оствари состаноци со претставници на добавувачи и купувачи на земјоделски и прехрамбени производи со цел да се појаснат одредени одредби од законот. Дополнително и на веб страната на Министерството за економија има објавено листа на најчесто поставувани прашања и одговори кои произлегуваат од Законот за нефер трговски практики. Комисијата е во координација и со релевантни претставници на Владата и релевантни надлежни институции во насока на кооперативно спроведување на законот. Токму заради фактот што Законот е нов и не постои пракса од која би се воделе претпријатија во своето работење, во почетната фаза на спроведување, односно до крајот на оваа година, примената на законот ќе биде од едукативен и опоменувачки карактер.

Дали Комисијата е доволно екипирана за спроведувањето на овој закон?

Комисијата со донесување на законот за нефер трговски практики започна активности со цел усогласување на своето работење, организирање и функционирање со цел да се подготви за примената на Законот. Во Комисијата се формира нов сектор со стручни лица кои ќе работат на примена на овој закон, односно ќе ги анализираат договорите со цел да се утврди дали постојат забранети нефер трговски практики помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехрамбени производи. Предвидени се дополнителни  врабоувања во 2025 година во новооснованиот сектор, со цел зајакнување на капацитетите за ефикасно спроведување на законот.

Во поглед на казнивоста на Законот,  товарот на казнивост го понесува само купувачот (т.е. откупувачите), а по исклучок во некои ситуации може да биде казнет и добавувачот. Дали сметате дека тоа може има негативно влијание врз пазарот?

Законот ги штити добавувачите/производители на земјоделски и прехрамбени производи, па оттука се очекува најголеми позитивни ефекти законот да има токму за производителите и добавувачите на земјоделски и прехрамбени производи што ќе придонесе за развој на овој сектор. Законот ги штити земјоделските производители – физички или правни лица кои се јавуваат како снабдувачи со земјоделски и прехрамбени производи, вклучувајќи ги и нивните организации и здруженија, бидејќи токму тие се најранливи на нефер трговски практики и најмалку способни да ги надминат негативните ефекти од практикувањето на нефер трговски практики. Законот ќе овозможи договорите кои се склучуваат помеѓу добавувачите на земјоделски и прехрамбени производи и купувачите да се базираат на фер услови кои ќе овозможат креирање на ефикасности.

Законот за нефер трговски практики стапи во сила дали до Комисијата има некакви првични реакции од субјектите кои се опфатени со овој закон?  

По донесувањето на законот до Комисијата пристигнуваат прашања од субјектите кои се опфатени со законот, односно и купувачи и добавувачи на земјоделски и прехрамбени производи се обраќаат до Комисијата и бараат појаснувања на некои одредби од Законот. Бидејќи како што наведовме ова е нов закон за кој не постои пракса, Комисијата им излегува во пресрет на сите субјекти преку доставување на писмени одговори на нивните барања и преку одржување на состаноци се со цел законот да биде појасен, односно да не се случи прекршувањата на законот да бидат резултат на недоволно разбирање на одредбите од законот. Комисијата останува отворена за соработка со сите засегнати страни бидејќи само со заедничка соработка може да се постигне ефикасна примена на законот.

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...