Македонските компании со своето работење сѐ повеќе придонесуваат кон одржливоста и исполнувањето на еколошките стандарди. Во време кога светот се соочува со последиците од климатските промени, општествено одговорното работење станува еден од главните императиви на компаниите.
Приреди: Петар Чаушевски, petar@instore.mk
Горјан Јовановски, извршен директор и основач на „Еарткер.аи“
Мислам дека во последно време терминот одржливо работење станува сѐ побитен, од една страна, за враќање кон општеството, од друга страна, за ПР-можности. Иако не се сложувам дека компаниите треба да тргнат од добар ПР како цел за правење нешто што е општествено корисно или добро, сепак, ако добро го завршат тој проект, повторно е win-win ситуацијата. Гледам почесто како компании садат дрвја, уредуваат градски површини, чистат ѓубре, што е прекрасно.
Но би рекол дека некогаш треба наместо нанадвор, навнатре да погледнат компаниите кога станува збор за општествена одговорност. Што правиме ние, нашите производи и услуги? Што може ние интерно да смениме за општото добро?
Дали може да се смени некоја пластична амбалажа со хартиена? Дали може да се промовира велосипедскиот транспорт до работа со помош на апликации како Challenger? Има огромен број можности и ме радува што сѐ поголем број македонски компании започнуваат свои програми за општествена одговорност.
Често гледаме како големите компании, дали тоа се банките или телекомуникациските оператори, организираат или учествуваат во општествено одговорни настани. Секако дека тоа е полесно да се направи кога сте голема компанија и имате повеќе ресурси да посветите на тоа, но и секоја мала компанија може да има локален импакт, макар во нејзината зграда или населба.
Така што, според мене, поттикот треба да дојде низ призмата на финансиите, и како тие ќе се зголемат доколку компанијата прави добро за општеството и е на тој начин препознаена.
Доколку некоја компанија не знае од каде да почне, постојат голем број НВО со кои може да стапи во партнерство и со нивна помош да креира акција која ќе има бенефит за голем дел од општеството. Може тоа да биде за обнова на зеленило, помош на бездомници и социјални фамилии, волонтерски акции на настани, обновување на јавен инвентар, организирање културни настани и мнооогу други идеи!
Општествената одговорност е одговорност за сите, од поединци, компании, до државни институции. Сите живееме во општество, дел сме од него и имаме должност да го пазиме и надградуваме. Компаниите располагаат со повеќе ресурси и можности од поединците и треба да се лидери и примери како помагаат директно во општествата каде што оперираат.
Никица Кусиникова, извршна директорка на „Конект“
Општествената одговорност е секојдневие за сѐ повеќе македонски компании и во последните години компаниите заземаат постратешки приод. Кон ова придонесе и усвојувањето на ЕУ-директивата за нефинансиско известување и фокусот на финансиските институции кон ЕСГ. Нашите компании се најдоа под притисок на странските партнери и инвеститори да демонстрираат грижа и за животната средина, вработените и заедницата. Без оглед кој термин го користите, суштината е дека одговорноста и одржливоста треба да бидат основата на бизнисот. Од овој аспект, треба уште доста да работиме. Во Клубот на одговорни бизниси имаме триесетина компании што посветено работат на водење одржлив бизнис, а го шириме кругот и кон преостанатите.
Секторите што прават сериозен исчекор во општествената одговорност/ ЕСГ се: а) оние што се интегрирани на странските пазари и ги допираат новите ЕУ-директиви; б) индустриите што имаат значително влијание врз животната средина бидејќи моментално тоа е најгорлива тема и в) секторите на широка потрошувачка каде што општествената одговорност помага за издвојување од конкуренцијата и здобивање лојални потрошувачи.
За да постигнеме секој бизнис да се води од принципите на одговорност и одржливост, потребни се политики и соодветни пазарни механизми. ЕУ веќе има усвоено низа политики, а тоа наскоро ќе се преслика и во нашата регулатива. Државата може да прати силен сигнал и доколку во јавните набавки вгради еколошки и социјални критериуми и ги зајакне даночните и другите стимули. Финансиските институции преку одговорното инвестирање и големите компании преку своите синџири на снабдување можат да градат нова култура на водење бизнис. Медиумите, исто така, играат важна улога бидејќи можат да наметнат очекување од јавноста. Во „Конект“ им помагаме на компаниите да ги разберат и успешно да ги вградат овие текови. Странските искуствата ги приспособуваме во домашни приоди соодветни за нашиот контекст. Преку програмите на Клубот, компаниите се здружуваат за одржлив развој, што им помага со помалку ресурси да стигнат до посакуваните ЕСГ-резултати.
Посветеноста на одржливиот развој не само што носи попрепознатлив бренд туку станува и „лиценца“ за работа на компаниите. Ќе биде невозможно да работите на европските пазари без стратешки да ја вградите општествената одговорност. Компаниите го немаат луксузот да бидат неодговорни. Сите се соочуваме со заминување на луѓето од државата, недостиг на квалификуван кадар и суровини, скапи енергенси. Одговорните компании имаат пристап и до повеќе инвестициски можности, имаат полојални вработени и купувачи, особено помеѓу новите генерации, што на долг рок им помага полесно да се справат со кризите.
Д-р Маријана Лончар Велкова, претседателка на Националното тело за општествена одговорност и претседател на Организација на потрошувачите на Македонија
Можам да кажам дека во изминатите шеснаесет години значителен број компании покажуваат добри примери и применуваат добри практики, со што се позиционираат како општествено одговорни компании. Активностите кон развојот на општествената одговорност, почнувајќи од 2007 година до денес, се поттикнати и координирани од страна на Министерството за економија (сега Министерство за економија и труд), а се спроведуваат преку Националното координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата. Сепак, не можеме, а да не ги споменеме проблемите со кои се соочуваа компаниите во изминатиот период и кои се рефлектираа на нивните перформанси и нивната општествена одговорност: пандемијата, покачувањето на цените на енергенсите, падот на стандардот на потрошувачите и сл., кои го намалуваат просторот за практикување и промовирање на општествената одговорност. Понекогаш компаниите сметаат дека е доволно да ги почитуваат законските прописи за да се декларираат како општествено одговорни. Секако, општествената одговорност подразбира многу повеќе од тоа. Имено, општествената одговорност, меѓу другото, претставува начин на водење бизнис, што е директно поврзано со одржливиот развој, но исто така и со финансиските, социјалните и еколошките перформанси на компанијата. Под овие критериуми секако се подразбира и одговорноста кон животната средина, општеството и потрошувачите. Оттука, општествената одговорност треба да биде интегрирана во целокупниот бизнис-процес на компанијата, вклучително и во синџирот на снабдување, производство, дистрибуција и продажба на производите, како и во односите со потрошувачите. Во нашето општество треба повеќе да се посветиме на едукација на компаниите за општествената одговорност и во континуитет да ја поттикнуваме преку следење на позитивните примери во ЕУ и пошироко, со што ќе придонесеме за доброто на потрошувачите, граѓаните, животната средина и општеството воопшто.
Кога аплицираат за наградата во доменот на општествена одговорност, поголем број компании се јавуваат во различни категории (области), а во нивните апликации се прикажани проектите што ги спровеле. Инаку, наградата се доделува во 5 категории: однос кон вработените; етичко управување; односи на пазарот; заштита на животната средина и вложување во заедницата, а се доделува посебно за мали и средни, посебно за големи претпријатија.
Во изминатиот период кај македонските компании се забележува намалување на интересот за имплементација на проекти во областа на етичкото управување. Секако, повеќе треба да се работи за прифаќање на стандардите кои се однесуваат на ESG (environmental, social, governance) од страна на сите компании, без оглед дали станува збор за поголеми или помали деловни ентитети.
Со правилен пристап кон општествената одговорност, компаниите можат да го намалат своето негативно влијание врз животната средина и да поддржат одржлив економски и социјален развој, како и да придонесат за здравјето и благосостојбата на потрошувачите. На пример, тие треба да ги следат добрите практики од компаниите во ЕУ и светот, како и доменот на ефектите кои овие практики ги постигнуваат. Такви се, на пример, активностите за етичкото управување, почитување на работничките права, одржливо управување со ресурси и почитување на националните закони и регулативи. Исто така, потребно е обезбедување обуки и создавање можности за професионален развој на вработените, инвестирање во локалните економии преку ангажирање локални добавувачи, или создавање нови работни места и поддршка на локалните бизниси. Овде особено треба да се истакне учеството во финансирањето на општествените проекти, како што се изградба на училишта, болници, инфраструктура и поддршка на образовни и културни иницијативи. Овие проекти можат да имаат долгорочни позитивни ефекти врз квалитетот на животот во заедницата, а компаниите се позиционираат како општествено одговорни. Истовремено, компаниите треба да внимаваат дали на еден план, на пример, при односот кон животната средина, покажуваат висока одговорност, но на друг план, пак, во односот кон потрошувачите, покажуваат недоволна одговорност. Компаниите треба да бидат општествено одговорни во сите сегменти на нивното работење, со што тие значително ќе придонесат за социјалниот и економскиот развој на општеството, а воедно ќе се стекнат со добар имиџ кај пошироката јавност и доверба кај потрошувачите.
Денес, општествената одговорност претставува еден од најважните фактори за мерење на перформансите на компаниите и тоа важи за сите сектори на општеството. Општествената одговорност е законска и доброволна должност на компанијата да ги земе предвид социјалните и еколошките влијанија на нејзините одлуки и активности.
Иницијативите за општествена одговорност можат да ја зголемат организациската посветеност на вработените, да го зголемат економскиот профит и надзорот на јавноста, како и да ја подобрат благосостојбата на општеството и односите со сите заинтересирани страни и нивните целни групи. Конкурентската предност која со ваквото работење ќе ја остварат компаниите ќе влијае врз нивната подобра позиционираност на пазарот и ќе им донесе подобри перформанси во работењето, а со тоа и материјален бенефит. Од друга страна, преку комуницирањето на општествено одговорните практики ќе имаат влијание врз сите заинтересирани страни, а особено врз потрошувачите, кои очекуваат за своите пари да добијат квалитетен производ кој нема да има негативни влијанија врз животната средина и општеството.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.