Македонија

Гарантирани цени: Дали ова е вистинскиот начин за борба со инфлацијата?

18 Oct 2023

Како новата мерка „гарантирана цена“ ќе влијае врз македонските компании и врз нивното работење? Што значат интервенциите на Владата за слободната пазарна економија? 

Приреди: Данче Драгинова, danche@instore.mk

Владината одлука за намалување на цените на одредени категории производи стапи во сила на 20 септември. Повеќе од 50 прехранбени производи од 24 категории од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија до 30 ноември имаат пониска цена за 10 отсто од цената што ја имале на 1 август. Овие производи задолжително треба да бидат означени со посебна ознака на која пишува „гарантирана цена“, по која граѓаните можат да ги препознаат во маркетите.

На 19 октомври Владата донесе одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки за потрошувачите, според определен редослед. Категориите производи што првично беа опфатени со мерката „гарантирана цена“ се прикажани на табела 1.

Табела 1

Категории производи опфатени со мерката „гарантирана цена“ (владина одлука од 19 септември 2023 година)

Малопродажните трговци треба да ги обележат сите овие производи со натписот „гарантирана цена“, која е објавена на веб-страницата на Министерството за економија и овие производи количински да ги снабдуваат најмалку за 70 отсто во споредба со количествата од август 2023. Трговците што вршат трговија на големо имаат обврска да одобруваат рабат во висина од 5% и да им ги продаваат месечно производите на трговците на мало во количества од најмалку 70% од количеството продадено во август 2023 година, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој ги повика производителите и трговците да се искоординираат бидејќи доколку не се почитуваат правилата на оваа мерка, освен парични казни, пазарните инспектори ќе издаваат казнени налози со „забрана за вршење дејност“, односно продавниците ќе бидат затворани. Истовремено, апелираше до граѓаните да пријавуваат нерегуларности доколку забележат дека во некој маркет цените не се коригирани, при што додаде: Кога зборуваме за белиот леб, зборуваме за сите видови од сите компании, од сите производители. Кога зборуваме за млеко, зборуваме за сите млечни производи од сите производители, без разлика дали се од домашно производство или се увезуваат.

Од Владата очекуваат дека ограничувањето на цените ќе ја намали целокупната инфлација во делот на храната за четири до пет отсто до крајот на ноември.

Со мерката ,,гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10 до 40% за заштита на стандардот на граѓаните. Од голема важност за економијата и за напредокот на државата се компаниите што придонесуваат за побрза и поефикасна имплементација на мерките, со кои го штитиме стандардот на граѓаните, истакна премиерот Димитар Ковачевски при посетата на компанијата „Алма М“.

На 26 септември премиерот најави дека Владата одлучила да ја прошири листата на производи со „гарантирана цена“. Со оваа владина одлука, која стапи во сила следниот ден, се прошири листата на производи со „гарантирана цена“, на која беа додадени и светлото и лагер-пивото, газираните и негазираните пијалаци, со исклучок на енергетските пијалаци, минералната газирана и негазирана природна вода.

Со оваа одлука највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените, со исклучок на цените на акциска продажба, кои се применувале на 19 септември 2023 година во трговијата на големо. Цените се намалуваат за најмалку 10 проценти. Трговците на мало се должни јасно да ги обележат производите со натписот „гарантирана цена“, изјави Ковачевски.

Истовремено, донесена е и одлука за утврдување највисока трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со свежо овошје и свеж зеленчук. За сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во синџирот во трговијата на големо се утврдува највисоката профитна маржа во вкупен износ до 10%, а во трговијата на мало до 15%. И оваа одлука е предвидено да се применува до 30 ноември 2023 година.

Производи на акција?

На 14 септември Владата донесе одлука со која се забрануваат акции и промоции на храна во маркетите. Според оваа одлука, им се забранува на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставањето во промет на земјоделски и прехранбени производи (забраната ќе важи до 30 ноември 2023 година). Со оваа одлука не беа опфатени алкохолните и безалкохолните пијалаци, а Владата ја оправдуваше наведувајќи дека е донесена со цел граѓаните да ја знаат точната и реална цена на производот и да не се доведуваат во заблуда за цените на прехранбените производи.

Одлуката за забрана на акции претрпе корекција. Акции со пониска цена од „гарантираната“ се дозволени, но нема да бидат дозволени акции пред истек на рокот. Таквата акција ќе биде означена како намалување. Супермаркетите нема да можат да ставаат ознака „акција“ за производите на кои им истекува рокот, туку ќе треба да наведат дека намалувањето е поради истекот на рокот, а потрошувачот сам да одлучи дали ќе го купи производот.

Сепак, во одлуката не е точно објаснето што е со копак-производите, промотивните производи, производите „еден плус еден“ и сл. Во разговорите на InStore со компаниите, посочено ни е дека трговците, поради недоволно објаснетата одлука, се воздржуваат да ги земаат ваквите производи. Од Министерството за економија побаравме подетално објаснување дали одлуката официјално ќе претрпи измени, но не добивме одговор.

Реакции од бизнисот

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) реагира на владината одлука за поевтинување на основните прехранбени производи и оценува дека таа е многу штетна за компаниите.

Слободната пазарна економија е доведена во прашање со многубројните интервенции на Владата, со што се стимулира сивата економија, а во меѓувреме целите на нашата земја се нејзино елиминирање, но и промовирање на слободната конкуренција. При донесување вакви одлуки, потребно е привремено да се укинат даноците или царинските стапки за да се избегне недостигот на тие производи на пазарот, но и да се заштитат домашните производители. Со намалувањето на цените на овие производи, загрозен е квалитетот на производите, со што домашните производители ќе мора да работат со загуба, се наведува во соопштението на СКСЗМ.

Според Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, на трговците им беше оставено многу кратко време за намалување на цените, особено затоа што станува збор за речиси 1.200 артикли.

Учествував на двата состанока во Министерството за економија, и со големите синџири на супермаркети и со дистрибутерите. Искажана беше подготвеност да се поддржи иницијативата за намалување за 10 отсто на класата производи што беше важна за Министерството. Иако се зборува за 75 класи артикли, цената требаше да им се смени на 1.200 артикли. Мерката за затворање маркети е престрога, драконска, непотребна, предизвикува штети и тоа треба да биде последното нешто кон кое ќе прибегнат институциите, рече тој одговарајќи на новинарски прашања пред конференцијата „Водење бизнис со ЕУ – како да се постигне поинтензивна трговска соработка меѓу Северна Македонија и Полска“.

Како што истакна Пешев, иако во текот на договарањето со компаниите околу поевтинувањето на производите Владата ветила дека ќе им каже кој датум ќе биде земен како репер, тоа не го сторила, туку 1 август како датум го соопштила дополнително преку медиумите. Извршниот директор негира и дека над 90 отсто од решенијата што ги носи Владата се предлози од стопанските комори, како што претходно изјави министерот за економија.

Беше договарано принципиелно за класа артикли што спаѓаат во основни производи и најголем дел од синџирите тоа го кажаа – рекоа дека се подготвени, ако се работи за таа класа продукти што директно влијаат врз потрошувачката кошничка, солидарно, по пет отсто да намалат од своите маржи за да поевтинат производите, објасни Пешев и информира дека за да бидат цените намалени 10 отсто, за по 5 отсто отстапиле и маркетите и дистрибутерите.

„Гарантирана цена“ во услови на пазарна економија

Според eкономскиот аналитичар Абил Бауш, кога се предлага „гарантирана цена“ на производите во услови на пазарна економија, тоа може да има различни последици врз економијата и потрошувачите.

Мерката би имала влијание врз граѓаните со тоа што би резултирала со пониски цени на основните производи, но тоа може да значи само краткорочно подобрување на нивниот животен стандард. Граѓаните ќе имаат поголема куповна моќ, но само во периодот во кој мерката била поставена, вели Бауш.

Тој додава дека се очекува мерката да има поголемо влијание врз компаниите, во зависност од тоа како е поставена. Ако „гарантираната цена“ е под нивните производствени трошоци, тоа може да резултира со загуби и да доведе до намалување на инвестициите, отпуштање на вработените и намалување на производството. На среден рок, тоа би имало голем ефект врз компаниите, а со тоа и врз нашата кревка економија. Ако мерката продолжи и се одржува предолго, таа би нанела долгорочни последици, што може да доведе до искривување на пазарните механизми, намалување на конкурентноста, недостиг на производи на пазарот, губење на квалитетот на производите и потенцијално стимулирање на сивата економија.

Минатата 2023 година ја завршивме со инфлација од 14,2% и во споредба со ЕУ, која имаше инфлација од 8,83%, бевме во многу понезавидна ситуација, имајќи предвид дека во референтната година неколку пати ја користевме мерката „гарантирана цена“ (замрзнување на цените на неколку производи). Од досегашното искуство може да заклучиме дека ова мерка не го даде очекуваниот резултат. За да се избориме со инфлацијата, македонската економија треба да се фокусира на структурни реформи, капитални инвестиции, зголемување на производството и поттикнување на претприемничката иницијатива и конкурентноста. Исто така, монетарната политика преку централната банка е клучна за борбата со инфлацијата и за понатамошните мерки што би иницирале инвестиции на пазарот, истакнува Бауш.

Како што нагласуваат и нашите соговорници, и да продолжи ова мерка „гарантирана цена“, таа може да биде краткорочна помош за граѓаните, но нема да биде долгорочно одржлива без да се усогласи со пошироките економски политики и реформи. Решението би било во балансот меѓу интересите на граѓаните, потребите на бизнис-секторот и целосната стабилност на економијата.

Освен тоа, клучно во донесувањето на сите одлуки и мерки е тие да бидат јасно објаснети и да бидат опфатени сите аспекти на кои се однесуваат и врз кои влијаат. Недоволното објаснување, како примерот со акциите, остава простор за повеќезначно толкување и потешка координација на протокот на производи во целиот синџир на снабдување.

Забелешка: Текстот е подготвен пред објавувањето на листата со производи чии данок се зголемува од 5 на 10%.
 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...