Македонија

Бектеши: Намалена е царината на овошјето и зеленчукот и зголемени се квотите за увоз

28 Sep 2023

Владата на седницата која се одржа утринава донесе неколку Одлуки со кои се намалуваат царинските давачки од 65, 55 и 45 отсто на 10 отсто за повеќето производи кои спаѓаат во категоријата овошје и зеленчук, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши

Во оваа група не спаѓаат доматите, краставиците и пиперките, имајќи во предвид дека ќе им се даде дополнителен рок на нашите производители на овие производи до 1 декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар. Исто така се зголемува и квотата на увоз на јужно овошје за дополнителни 2.000 тони.

Како што објасни Бектеши, добро е што има зголемен извоз на земјоделски производи, но не на сметка на домашниот пазар. Министерот смета дека нашите трговци претпочитаат да продаваат надвор од Македонија, а тоа му наштетува на домашниот пазар со оглед на тоа што државата е приморана да увезува за што во крајната цена влегува и царината.
 
Мерките што ги донесе Владата се применуваат веднаш, а за пиперките, доматите и краставиците ќе важат од декември.


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...