Македонија

СКСМ: ЕУ да ги пролонгира роковите за одредени стандарди и регулативи кај бизнисот

12 Sep 2023

Стопанската комора (СКСМ) ќе бара пролонгирање на роковите за стандардите што македонските компании мора да ги имплементираат до пристапувањето во ЕУ.

На скалата од еден до десет, македонската економија од технолошки апсект засега е рангирана на трето ниво. Само големите и средните претпријатија се подготвени да се соочат со конкуренцијата и со барањата на европскиот пазар. Другите, до членството на земјава во ЕУ, ќе мора да поработат на стандардите и процедурите ако сакаат да извезуваат, порачаа од СКСМ.

Поради вакавата ситуацијата, Комората ќе бара пролонгирање на роковите за стандардите што македонските компании мора да ги имплементираат до пристапувањето во ЕУ. Како што беше речено на вчерашната прес-конференција, особено засегнати во овој сегмент се агро-секторот, металната индустрија и металургијата, кои мора да задоволат голем број еколошки стандарди.

СКСМ најави дека ќе бара од ЕУ и постепено отворање на европските пазари и фондови, зголемување на фондот за конкурентност и иновативност, како и дополнителни вложувања од Европската комисија во инфраструктурните проекти, но истовремено и надзор, за да се избегнат сите малверзации и бавни реализации.

Потребно ќе биде постепено приспособување на нашите компании за да може да ги исполнат сите барања, стандарди и процеси до денот на пристапување на земјава во европското семејство. Конкурентноста треба да се подигне во целина, а домашните компании мора да имплементраат нови технологи и стандарди што за нив не е толку едноставен процес. Затоа се овие дополнителни барања. Во процесот на пристапување за секоја земја има рамка со конкретни барања, кои мора да се имплементираат. Ќе бараме пролонгирање на роковите за воведување на одредени стандарди, ќе се обидеме да дејствуваме за пролонгирање на роковите за имплементација. Роковите ќе се разгледуваат посебно, поради спецификите на секоја бранша, истакна Јадранка Аризанковска од СКСМ, напоменувајќи дека постепеното отворање на фондовите е од исклучително значење.

Таа додаде дека се потребни големи инвестиции во нови технологии и приспособување кон индустријата 5.0, која се применува во Европската комисија, а тоа значи задоволување на одредени стандарди од аспект на екологијата, како и приспособување на одредени процедури и производи што ќе мора да ги задоволат стандардите за да може да се извезуваат во ЕУ.

Во рамките на преговорите за членство во ЕУ, економијата е директно вклучена во пет од вкупно шест кластери.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...