Македонија

Од продажбата на пластични кеси собрани речиси два милиони евра

11 Sep 2023

Од 1 декември 2021 година, откако на сила е забраната за употреба на пластични кеси за еднократна употреба, а во маркетите и на пазарите дозволени се само биоразградливи кеси кои се наплаќаат по 15 денари и одат во Фондот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП,) до крајот на 2022 година се собрани речиси 2 милиони евра.

Во согласност со годишната Програма за распределба на собраните средства за 2023 година, МЖСПП информира дека 105 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на инфраструктурни објекти за собирање, преработка, рециклирање и отстранување на отпад од поширок јавен интерес, а другите 15 милиони денари за реализирање на проект за едукација и подигнување на јавната свест на граѓаните и субјектите за постапување со посебните текови на отпад.

Со 105 милиони денари ќе бидат набавени 7.190 контејнери за собирање на отпад од хартија, тетрапак, пластика и метал за сите општини во РС Македонија. Јавната набавка на контејнерите ја објавува и спроведува МЖСПП, по што тие ќе бидат поделени на општините.

Доделувањето на бројот на контејнерите се врши врз основа на бројот на жителите во општините – за општина до 5.000 жители се доделуваат 13 контејнери, за општина од 5.001 до 15.000 жители се доделуваат 40 контејнери, за општина од 15.001 до 23.000 жители се доделуваат 60 контејнери, за општина од 23.001 до 40.000 жители се доделуваат 104 контејнери и за општина над 40.000 жители се доделуваат 260 контејнери.

Целосната забрана за употреба на пластични и оксо-биоразградливи кеси во земјава првично требаше да стапи на сила од 1 јуни годинава, но пред овој рок од МЖСПП информираа дека таа ќе стапи на сила од 1 јуни 2024 година.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...