Во ова истражување е направена анализа на е-трговијата во потесна смисла, односно анализа на остварените онлајн-трансакции според податоците од Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ).
Автор: Д-р Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија-АЕТМ, директор за меѓународен бизнис-развој во Ananas е-commerce
Е-трговијата се состои од купување и продавање производи или услуги онлајн, но според дефиницијата во поширока смисла на зборот, важно е само нарачката да биде направена онлајн, а не мора и плаќањето да биде направено онлајн, додека во потесна смисла на зборот, е-трговијата претставува купување и продавање производи и услуги онлајн, но претпоставува и плаќање онлајн. Во ова истражување е направена анализа на е-трговијата во потесна смисла, односно анализа на остварените трансакции онлајн според податоците од Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ). Податоците ги доставуваат сите учесници во платежната статистика како: банки, издавачи на електронски пари, правни лица, посредници при микроплаќањата и други обезбедувачи на платежни услуги и оператори на платни системи кои се вклучени во платниот систем или вршат други услуги поврзани со плаќањата до Дирекцијата за платни системи при Народната банка на Република Северна Македонија.
550,2
милиони евра е вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет-продавниците со домашни картички кон дома, кон странство и со странски картички кон дома
Согласно најновите објавени податоци на НБРСМ за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2022 година, вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет-продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички кон домашни е-трговци изнесува 33.836,8 милиони денари или 550,2 милиони евра, односно бележи пораст од 25% во споредба со 2021 година. Притоа, вредноста на направените вкупни е-трансакции од правните лица во 2022 година расте со побрзо темпо, односно има пораст од 32,6% во споредба со минатата година и со тоа во 2022 година учеството на правните лица во вкупните онлајн-трансакции достигна 30%. Се зголемува и бројот на вкупните онлајн-трансакции, но со помал интензитет на пораст, односно 14,2% во споредба со 2021 година и тоа кај правните лица за 18,2%, а кај физичките лица за 13%.
Поголемиот пораст на вредноста на направените онлајн-трансакции од бројот на трансакциите ја зголемува и просечната вредност по трансакција во 2022 година на 2.026,2 денари, односно за 10,2% повисока во споредба со 2021 година. Притоа порастот на просечната вредност е поголем кај правните лица, каде што просечната трансакција се зголемува за 12,2% и изнесува 2.624,6 денари, додека кај физичките лица е помал порастот на просечната трансакција, 8,9% и изнесува 1,843.6 денари. Во 2022 година може да се забележи дека вредноста на вкупните онлајн-трансакции е речиси рамномерно распределена по квартали (графикон 1), односно само во третиот квартал се остварени 134,5 милиони евра, додека во преостанатите три квартали вредноста се движи околу 138 милиони евра. Во однос на претходната година, најголем пораст е остварен во вториот квартал од 2022 година, односно 33,4%, а најмал пораст е остварен во четвртиот квартал односно 17%.
Извор: НБРСМ
Вкупните онлајн-трансакции по месеци исто како и по квартали немаат големи отстапувања и се движат во вредност од 43,2 милиони евра во јануари 2022 година до 49,2 милиони евра остварени во март 2022 година. Она што се забележува е промената во структурата на учеството на домашните картички кон домашни е-трговци и кон странски е-трговци во вредноста на вкупните трансакции (графикон 2). Во февруари 2022 година е забележано највисоко учество на вредноста на направените трансакции од домашни платежни картички кон домашни е-трговци од 75,6%, кое постепено опаѓа и е најниско во август, кога изнесува 62,3%, а за сметка на тоа се зголемува учеството на вредноста на онлајн-трансакциите направени кон странски е-трговци на 33,5%. Учеството на странските картички кон домашни е-трговци и во 2022 година исто како и во 2021 година има константно учество од околу 4%.
Извор: НБРСМ
Промената на учеството на вредноста на направените онлајн-трансакции кон домашни е-трговци во вкупната вредност се должи на зголемениот пораст на вредноста на направените е-трансакции кон странски е-трговци. Имено, во 2022 година вкупната вредност на направени е-трансакции кон домашни е-трговци направени и од домашни и од странски купувачи изнесува 24.232 милиони денари или 394 милиони евра, што претставува пораст од 18% во споредба со претходната година.
За купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2022 година Македонците потрошиле 156,2 милиони евра, што претставува пораст од 46,31% во споредба со минатата година и учество од 28% од вредноста на вкупните онлајн-трансакции. Ослободувањето на мерките поврзани со пандемијата секако се одрази на е-трансакциите во странски земји, особено поврзани со патувања и трансакции за авиобилети и резервации на хотели онлајн. Бројот на трансакции што ги направиле Македонците купувајќи онлајн во странство исто така е зголемен и изнесува 3,66 милиони во 2022 спрема 3,02 милиони во 2021 година и има пораст од 21,1%. Поради поголемиот пораст на вредноста на направените трансакции отколку на бројот на направени трансакции во странство во 2022 година, се зголемува износот на просечната трансакција која од 35,3 евра во 2021 година се зголемува на 42,65 евра во 2022 година. 67% од вкупниот износ во вредност од 156,2 милиони евра кои Македонците во текот на 2022 година ги потрошиле онлајн за пазарење во странство и 78% од бројот на вкупно направените трансакции од 3,66 милиони се реализирале во корист на 7 земји: Обединето Кралство, Унгарија, Холандија, Ирска, САД, Луксембург и Германија. Притоа, од вкупно остварената вредност на онлајн-трансакции 14% се направени во Обединетото Кралство, 13% во Холандија и во Унгарија. Просечната вредност на направена трансакција во Унгарија е највисока и изнесува 142,5 евра, додека во Луксембург Македонците направиле најниска просечна трансакција и таа изнесува 11,2 евра. Повеќе на графикон 3.
Извор: НБРСМ
Најголемата вредност реализирана од Македонците кон Обединетото Кралство, Унгарија и Холандија е очекувана ако се има предвид дека од овие земји потекнуваат „Амазон“ и АСОС од Обединето Кралство, „Визер“ (Унгарија) и Booking.com (Холандија). Ако се има предвид дека во Луксембург е регистрирана европската филијала на „Амазон“, преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Обединетото Кралство, очекуван е и најголем бројот на направените трансакции во Луксембург со најмала просечна вредност. Реализираните трансакции со повисока просечна вредност најверојатно се должат на уплата на авионски карти во Унгарија (седиштето на „Визер“), резервирање хотелски услуги во Холандија (на пр., Booking.com) и сл. Ако се анализира порастот на направените е-трансакции од страна на Македонците во странство, може да се забележи дека најголем пораст во 2022 година е остварен во Холандија, како на вредноста така и на бројот на направените онлајн-трансакции.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.