Советот на странски инвеститори ја поддржува иницијативата со која се бара запирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност, која е поддржана и потпишана од органите на Стопанска комора на Северна Македонија, во која членуваат и компании од странските инвеститори во нашата држава.
Како странски инвеститори во нашата држава, со големо влијание врз создавањето на БДП, вработувањата и врз извозот, повикуваме на запирање на постапката за донесување на предлогот на Законот за данок на солидарност, бидејќи се носи ад хок во втората половина на деловната 2024 година за оданочување на добивката остварена во 2022 година. Ваквиот неконзистентен пристап во неговото донесување, со ад хок решенија, создава несигурност кај постојните и кај потенцијалните странски инвеститори во земјава, што манифестира отсуство на политики за нови странски инвестиции, како и отсуство на грижа за веќе постојните инвеститори, за кои од особено значење e одржувањето предвидлив деловен амбиент, долгорочна стабилност и водење стабилни политики, наместо импровизации, соопштија од Советот на странски инвеститори.
Исто така, Советот препорачува поголема вклученост на компаниите во креирањето политики и регулативи кои ќе придонесуваат за поповолно деловно опкружување и за стимулирање подобри економски резултати на компаниите, а со тоа и на државата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.