Ако се дојде до дното, нема веќе каде да се оди надолу, единствен правец по кој може да се движиме е нагоре, непознат автор.
Пишува: Горан Теменугов, економски новинар
Веројатно оваа мисла потекнува од некој што не е од Балканот, пред сè, не од Македонија. Овој мислител да ги знаеше нашите политичари, веројатно ќе се срамеше од својата мисла. Речиси две децении, со посебен акцент во последниве неколку години, македонските политичари од сите партии нѐ уверуваат дека она што е дно за секој здраворазумен човек, за нас овде во државава е врв на некоја планина. Поточно, ние успеавме од дното да се движиме уште подолу, оставајќи лошите спомени, лошите случки од минатото да ни изгледаат дека не биле толку лоши во споредба со ова сега што ни се случува.
А сега ни се случува токму тоа против што актуелнава најголема владејачка партија СДСМ се бореше сè до доаѓањето на власт во 2017 година. Тогаш, од денешна перспектива само вербално, се залагаа државата да не прави тајни договори со странски компании кои ќе користат државни пари, договорите да се објавуваат транспарентно, да не се приспособуваат законите на потребите на одредени фирми, да се почитува Уставот, сите да сме рамноправни пред законите и, секако, во Собранието да не се предлагаат непотребно закони со таканаречено европско знаменце.
Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ сево ова го правеше, а СДСМ ни се колнеше дека ако дојде на власт, нема да го прави тоа.
Се нема елементарна почит на тоа што е кажано во политиката, со што дното за нас веќе е Монт Еверест.
Е па, шест години подоцна, слободно може да се каже дека го надминаа ВМРО-ДПМНЕ. Донесоа Закон со кој на приватна, странска фирма ѝ даваат 1,3 милијарди евра за да изгради 110 километри автопатишта низ државава, при што со донесениот од пред две години - Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, овозможија тој да се постави над сите други закони, односно тие да се менуваат според барањата на конзорциумот „Бехтел – Енка“. Бидејќи опозицијата популистички се освести дури сега да блокира пет закони кои треба да се сменат за да бидат по барањата на конзорциумот, а не го спречи основниот закон од кој сега произлегуваат сите проблеми, Владата прибегна кон стратегијата на петте закони да стави европско знаменце. Со ова расправата за нив може да трае максимум три дена, без разлика колку амандмани се поднесени, по што треба да се стават на гласање. Ова европско знаменце значи дека законите се важни и треба итно да се усогласат со европското законодавство.
По овој маневар на Владата, која со законите ќе ѝ дозволи на „Бехтел – Енка“ да ги тера работниците да работат 60 часа неделно, што е спротивно на постојните закони и на законот за недела неработен ден, да не плаќа ДДВ и други давачки, да ги користи сите минерални суровини што ќе ги најде на трасата, да врши експропријација по итна постапка, веднаш се огласи Канцеларијата на ЕУ во Скопје, која го осуди туркањето на овие закони со европско знаменце, посочувајќи дека сево ова нема врска со ЕУ-интеграциите. Дека овде имаме злоупотреба од страна на Владата. На ова ако се додаде и дека Владата не сака да го открие договорот со конзорциумот, кој во наредните неколку години ќе добие 1,3 милијарди евра од буџетот на Македонија, односно од парите на даночните обврзници, се добива комплетната слика дека СДСМ и ДУИ ги надминаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ околу нетранспарентноста и непочитувањето на граѓаните.
На времето, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги криеја договорите со фирмите кои инвестираа во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), односно колку пари ќе добијат државна помош, додека СДСМ и ДУИ го кријат договорот со „Бехтел – Енка“ иако додека беа во опозиција, најавуваа дека нема да ја повторат ваквата практика.
Но, ете, кога некој е во опозиција едно зборува, а кога е на власт сосема друго прави. Најголемиот проблем е во тоа што ние, граѓаните, сѐ повеќе сме резигнирани од ова немање елементарна почит на тоа што е кажано во политиката, со што дното за нас веќе е Монт Еверест. По една година повторно партиите ќе излезат на избори и ќе бараат од нас да им веруваме.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.