Македонија

Нови цени на доматите, краставиците, пиперките и кромидот

11 Apr 2023

Цените на овошјето и зеленчукот повторно ќе се зголемат по неодамнешното замрзнување, откако Владата на денешната седница ги коригираше највисоките цени на овие прехранбени продукти во трговијата на мало.

Највисоката цена на килограм свежи домати се покачува од досегашните 70 на 95 денари. Максималната цена на краставиците ќе се зголеми од 75 на 95 денари, а на кромидот од досегашните 60 на 70 денари. Дозволената цена на пиперките се зголеми за 10 денари, од 90 на 100, килограм грав ќе може да се продава најмногу по 95 денари, а цената на леќата останува иста – 110 денари за килограм.

Кај овошјето сите замрзнати цени се зголемуваат за по пет денари. Највисоката цена на бананите ќе може да биде 75 денари, а портокалите до 60 денари. Килограм мандарини ќе може да биде најмногу 65 денари, а лимоните по 60 денари килограм. Кај карфиолот се укинува ограничувањето на највисоката цена.

Од Министерството за економија велат дека ваквото решение е поради тоа што увозната цена на одредените видови овошје и зеленчук е зголемена поради претстојните празници според најновите податоци од Царинската управа.

По консултациите со увозниците на овошје и зеленчук и со претставници од Стопанската комора на Северна Македонија кои ги имавме минатата недела и согласно доставените податоци и од Царинската управа, утврдивме зголемување на увозните цени и до 30%, посебно кај доматите, краставиците и кај гравот. Контролите на инспекциите и надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период се со цел да не бидат оштетени граѓаните, буџетот на државата, како и да се сузбие и сивата економија и да има поголема конкурентност на домашното производство, изјави министерот за економија Крешник Бектеши образложувајќи ја последната одлука на Владата.

Бектеши вели дека ги задолжиле увозниците и трговците да набавуваат 70 отсто од прометот во јануари и февруари и ако не го сторат тоа, ќе бидат казнети според Законот за трговија. Контролите се во тек и нема да запрат. На лажните фактури мора да им се стави еднаш засекогаш крај. Царината веќе ги достави фактурите до нивните колеги во Турција и Грција од каде доаѓа најголемиот увоз и ако ги добиеме скоро, ќе излеземе со споредбени податоци, вели Бектеши. Тој е дециден дека никој не смее да крие производи во магацините.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...