Полека но сигурно, нашата, македонска трагедија се претвора во фарса. Урнисувањето на институциите, што е трагично за која било држава или општество кое би сакало да се нарече организирано, веќе не е само трагедија за нашите животи, за нас кои решивме да останеме во Македонија. Полека, сè почнува да се претвора во фарса или попрецизно кажано во груба, непристојна, невкусна шега. Би се смееле, ама ако ова не се однесуваше на нешто што е за секој од нас најесенцијално, а тоа е нашиот квалитет на живот
Пишува: Горан Теменугов, новинар
Огорченоста што блика од претходно напишаното не е одраз на мое моментално расположение, туку страшниот однос на институциите кон самите себе, односно кон државава чиј дел се.
За кој било човек што остана во оваа држава, бидејќи многумина похрабри навреме разбраа дека нашата економска и општествена катастрофа нема дно, неверојатна е случката со издавањето, па пропаѓањето на најновата еврообврзница во висина од 600 милиони евра.
Нема да елаборирам за сумата или за каматата што требаше да ја платиме за оваа еврообврзница. Пострашно е што таа пропадна бидејќи немаше кој да го потпише нејзиното издавање. Министерот за правда си поднесе оставка бидејќи беше дел од трампата за влез во Владата на дотогаш опозициската Алијанса за Албанците, па документот остана непотпишан. Во јавноста се разви дебата за тоа кога стигнал документот, кој е виновен за доцнењето, па до тоа дека потпис можел да стави и премиерот. Последново го изнесе како став еден од најеминентните универзитетски професори по управно право, Борче Давитковски.
Но, горчината од сево ова е што никој во државава не ги усогласил чекорите како нешто треба да се изведе. Едноставно сè е стихијно, дневнополитички, без да се води сметка за тоа што е почеток, а што е крај и како меѓу овие две крајности тоа што се прави да има смисла. Впечатокот е дека сме во потполен хаос како држава. Овој пат, за тоа разбраа и тие што ја купија, па не ја добија обврзницата. Во случајов, меѓународни финансиски институции.
Немањето правила (правилници) остава сива зона каде што индивидуите во институциите можат арбитрарно и дискреционо да решаваат за секој случај поединечно. Ова е концентрација на моќ и основа за корупција.
На ова ако се додаде и проблемот со цената на лебот, сликата ќе биде комплетна. Од Министерството за економија соопштија дека пекарниците иако добиле субвенционирана цена на електричната енергија, не го поевтиниле лебот. Па, се спомна дека не се испочитувал џентлменскиот договор од типот поевтина струја – поевтин леб.
Значи, се повикуваат на џентлменски договор со фирмите. Неверојатно. Ова покажува само дека мерката е ад хок, без изградени правила и обврски за сите страни. Немало цврсти и, пред сè, пишани обврски од кои никој не би можел да побегне. Како одмазда, Владата сака да ја замрзне цената на лебот на 33 денари. Пекарниците се заканија дека нема да произведуваат и да доставуваат леб. Секако, ова ќе се реши. Но, како? Повторно со некојси договор, по некојаси средба. По ова, сите ќе бидат задоволни, но ние како општество нема да ја научиме лекцијата. А тоа е дека за сè и за секаква ситуација мора да се изготват правилници кои ќе се активираат при појава на одредена состојба.
Не верувам дека некој во Владата по двете случки со еврообврзницата и со играриите со цената на лебот и државната субвенција за електричната енергија ќе седне и ќе ги стави на хартија сите можни сценарија во иднина и како институциите да реагираат кога некое ќе се развие. Ако имаше воспоставени правила, при оставка на министер кој потпишува еврообврзница, ако имаше напишани јасни правила кои се обврските на фирмите кои добиваат државна помош за намалување на трошоците, ќе заличевме барем малку на нешто поорганизирана држава.
Но, проблемот со немање правилници не е само во овие два случаи. Купишта правилници кои дорегулираат закони не се донесени. Се доцни на сите нивоа на власт со ова. Се остава сива зона каде што индивидуите во институциите можат арбитрарно и дискреционо да решаваат за секој случај поединечно. Ова е концентрација на моќ и основа за корупција.
(Текстот е објавен во мартовскиот број на InStore)
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.