Македонија

„Кожувчанка“, „Кавадарци“ и Фондацијата „Никола Јанчев“ донираат за Турција и за Сирија

08 Feb 2023

Општина Кавадарци вчера вечер одржа вонредна седница на Советот на Општината со цел одобрување на финансиска помош од буџетот на Општина Кавадарци за погоденото население од земјотресот во Република Турција и Сирија. На почетокот од седницата Советниците со едноминутно молчење оддадоа почит на загинатите во земјотресот.  

Едногласно беше одлучено сума од 600.000 денари да биде уплатена на трансакциона сметка добиена од Турската амбасада за настраданите во Р.Турција, а сума од 300.000 денари да биде уплатена на сметката на Црвен Крст на РСМ со намена за настраданите од земјотресот во Сирија.

На седницата, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека на помошта дополнително ќе се приклучи и компанијата „Кожувчанка“ и Фондацијата „Никола Јанчев“ испраќајќи денес и утре 10 шлепери со вода за пиење кон настраданите. Пет шлепери се донација од „Кожувчанка“ и Фондација „Никола Јанчев“, а пет од почесниот конзул на Р.Турција во Битола, Ајдован Адемоски. 

На крај беше упатен и отворен апел до граѓаните и пред сите, до бизнис секторот, за организирано прибирање на финансиска и материјална помош за настраданите подрачја, со напомена дека по медиумите ќе биде објавен списокот на материјални добра кои се потребни и кои може да се собираат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...