„Метро“ е една од компаниите која успешно ги искористи средствата од ИПАРД програмата. По тој повод, во посета на фабриката денеска беше владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
Денеска сум во посета на компании кои се незаменливи во работата што ја извршуваат, тие успеале да ги искористат средствата преку ИПАРД Програма и да го развијат и унапредат својот бизнис. Компанијата „Метро“, која се занимава со трговија на големо и мало со производи од свежа и замрзната риба, како и купување, складирање и продажба за овошје и зеленчук изминативе пет години значително работи на проширување на асортиманот и партнерската мрежа во околните држави со цел зголемување на извозот на нивните производи. За истиот овој период компанијата неколкукратно го зголемила извозот во регионот. Оваа семејна компанија денес има 77 вработени и нејзиниот раст и развој многу значи за економијата на нашата држава, изјави Ковачевски.
Со ИПАРД 2 програмата се склучија 2.369 договори и се искористија 98 отсто од расположливите пари од ИПАРД 2 програмата, наспроти искористеноста на ИПАРД 1 кога се искористија само 20 отсто од парите. Поради високата искористеност на ИПАРД 2, Европската комисија определи зголемен износ во ИПАРД 3 за 61 процент. Имено, ИПАРД 2 изнесуваше 60 милиони евра, а ИПАРД 3 е 97 милиони евра. Вкупно, со средствата што треба да ги обезбедат корисниците на ИПАРД фондовите тоа се 210 милиони евра инвестиции во наредните 7 години. Новина е што за прв пат има 50 проценти на авансна исплата кон корисници од страна на Платежна агенција.
Фото: Влада на РСМ
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.