Светска банка (СБ) ја намали прогнозата за раст на домашниот бруто-производ на Македонија за оваа година за 0,7 процентни поени во однос на јунските проекции, на 2,4 отсто, покажува најновиот, јануарски, извештај на банката „Глобални економски изгледи“.
Намалени се и прогнозите за наредната 2024 година за 0,5 процентни поени на 2,7 отсто, стои во извештајот. Инаку, штотуку завршената 2022 година според процената на Светска банка, БДП во земјава се зголемил за 2,1 отсто, што е потфрлање во однос на јунските проекции за 0,6 отсто.
Македонија не е единствената земја за која Светска банка ги ревидира проекциите за економски раст. За Албанија на пример, проекцијата за растот е намалена за 1,3 процентни поени на 2,2 отсто за оваа година, за Босна и Херцеговина за 0,6 процентни поени на 2,5 отсто, за Бугарија за 2,6 процентни поени на 1,7 отсто, за Хрватска за 2,6 процентни поени на 0,8 отсто, за Црна Гора за 1,3 процентни поени на 3,4 отсто, за Србија за 0,4 процентни поени на 2,3 отсто раст годинава и тн.Генерално, прогнозите за економски раст и на глобално ниво не се добри, а тоа посебно се однесува на развиените економии на кои им се заканува рецесија.
Во извештајот, Светска банка ги намали прогнозите за раст за 2023 година на ниво кое е на работ на рецесија за многу земји, наведувајќи го влијанието на засилените зголемувања на каматните стапки, продолжувањето на војната во Украина и колапсот на главните мотори на за раст на глобалната економија.Така, глобалниот бруто домашен производ се очекува да порасне за 1,7 отсто во 2023 година, што, доколку се исклучат рецесиите од 2009 и 2020 година, е најниската стапка во речиси три децении, се вели во извештајот на Светска банка.
Во претходниот Извештај за глобалните економски перспективи, објавен во јуни 2022 година, банката прогнозираше глобален раст во 2023 година од 3,0 проценти.
Големо забавување се предвидува за напредните економии, вклучително и прогнозираните остри намалувања од 0,5 отсто и за Соединетите држави и за еврозоната, што би можело да навести уште една глобална рецесија помалку од три години по минатата.
Со оглед на чувствителните економски услови, секое дополнително негативно влијание, како што е инфлацијата повисока од очекуваната, наглото зголемување на каматните стапки за нејзино задржување, обновувањето на пандемијата КОВИД -19 или ескалацијата на геополитичките тензии, може да ја турне глобалната економија во рецесија, предупредува Светска банка.
Особено тешко ќе биде за пазарите и економиите во развој бидејќи тие се борат со големи долгови, слабеењето на валутите и растот на приходите, како и забавувањето на деловните инвестиции, чија годишна стапка на раст во следните две години се предвидува да биде 3,5 проценти , што е за половина пониско отколку во последните две децении.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.