Поскапувањето на биоразградливите кеси за транспорт на стока на 15 денари во маркетите, што стартуваше на 1 декември 2021 година, е полн погодок. До крајот на септември се собрани околу 96 милиони денари во Фондот за управување со отпад на Министерството за животна средина, информира министерот Насер Нуредини.
Тој очекува до крајот на годината да се влеат вкупно 120 милиони денари или околу 2 милиони евра, средства што ќе се искористат за набавка на 5.000 контејнери и садови за селекција на отпад за домаќинствата.
Во моментов се Програмата за финансирање на управување со посебни текови на отпад, која е креирана за враќање на средствата собрани од надоместокот за биоразградливи кеси во проекти за животна средина. Програмата предвидува финансирање на набавка на 5.000 контејнери и садови за селекција на отпад за домаќинствата, со што ќе им се помогне на општините за обезбедување услови за воспоставување на систем за управување со отпадот. Ќе се користи посебна методологија. На пример, за општините што потпишале договор со колективни постапувачи со отпад што не се опфатени во други проекти. Ќе се спроведе кампања за развивање на позитивни навики за селектирање на отпадот во домаќинствата, кажа Нуредини.
Контејнерите ќе бидат доделени само на општините кои ќе потпишат договор со колективниот постапувач.
Тој информира дека е подготвена тендерската документација за системот за управување со отпад во источните и североисточните региони. Планирано е до крајот на неделава да биде доставена документацијата на одобрување во Секторот за централно финансирање и склучување на договори (ЦФЦД) и ДЕУ. Следен чекор е објавување на тендерот по што ќе следува 90 дена период за доставување на понудите од заинтересираните понудувачи и спроведување на евалуциската постапка. Во подготвителната фаза е реализиран договорот за набавка на камиони за смет за општините – 58 возила, договор за набавка на контејнери за општините во источен и североисточен регион (околу 4 илјади контејнери) во вредност од 959 илјади евра. Исто така, во тек е и реализација на проект за чистење на дивите депонии во источен регион, а наскоро треба да продолжи и во североисточниот регион.
Во однос на стратешката инвестиција во ски-центарот Попова Шапка, Нуредини истакна дека целта е да заштитат природните вредности, но и да се овозможи одржлив развој и ски-центарот да се развие во европски каков што треба да биде согласно со природните можности што се нудат.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.