Цената на маслото за јадење е намалена за 40 денари, а цената на репроматеријалите мируваат, изјави извршниот директор на „Витаминка", Сашо Наумоски, при посетата на премиерот Димитар Ковачевски на фабриката „Брилијант" во Штип, која е дел од групацијата на „Витаминка".
Цената на маслото за јадење е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме и понатака да ја намалиме, да ја донесеме, ако е можно да дојде до цените што беа пред три години. Цената на нашиот производ најмногу зависи од суровината, рече Наумоски.
Тој појасни дека неговата групација не конкурирала за поевтина струја од 1 декември бидејќи има инсталирано фотонапонски централи, а производството на струјата од нив за 30 отсто ги намалува трошоците за производство до крајниот производ.
Премиерот Ковачевски рече дека во овој период на тешка економска криза домашните капацитети за производство на основни прехранбени производи меѓу кои и маслото за јадење, се ставени во полн капацитет, а мерките кои што беа донесени од Владата имаат за цел да се избегнат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните.
Токму во таа насока Владата изминатиот период донесе одлуки за повластена тарифа на електрична енергија пониска од берзанската, со што влијаеме на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Од 1 декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот од оваа мерка. Воедно очекуваме да продолжи намалувањето на цените во интерес на потрошувачите, и според сите параметри реално е да очекуваме намалување за најмалку 10 отсто. Никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците од кризата оваа зима и дека институциите посветено работат на изнаоѓање на решенија за предизвиците кои се а наметнаа за економската и енергетската криза, изјави Ковачевски.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.